Како правилно да ги перете и сушите фармерките за да не им го скратувате „векот“?
Од нивното создавање, па во наредните 100 години и повеќе, фармерките се носеле како работничка облека.
Но од ’60-ите години, фармерките влегоа во светот на модата и станаа едно од најпопуларните парчиња облека.
Не постои човек што нема барем неколку пара омилени фармерки во гардероберот и кои сака да ги зачува што подолго бидејќи ги смета за идеални.
Сепак, иако можеби несвесно, при перењето многумина прават грешки кои ги уништуваат и им го намалуваат животниот век.
Па, погледнете како да ја задржите идеалната боја и да ги одржувате фармерките како нови:
Рачно перење
Рачното перење понекогаш е препорачливо за фармерките, бидејќи често може да ги исчисти подобро.
Неколку совети:
- Не ги перете во мијалникот, туку во када – тоа ќе ви овозможи поубаво да ги растегнете цели фармерки и убаво да се натопат и исперат.
- Ставете ги прво да се киснат (не повеќе од 1 час) – ставете 1 шолја оцет и 2 лажици сол во мала шолја со вода, измешајте ги состојките и потоа истурете ги во водата со фармерките.
- Не ги перете со премногу топла вода (не повеќе од 40˚С), може да биде и поладна.
- Детергентите го уништуваат сјајот на металните делови и полошо го чистат материјалот. Користете течен сапун или шампон.
- Со мека четка, поминувајте низ материјалот на фармерките, а обрнете посебно внимание на валканите делови – прво поминете од внатрешната страна, па од надворешната.
Перење во машина
Експертите велат дека ова не е многу препорачливо, но реално, ретко кој има време за рачно перење, па сосема е очекувано понекогаш да се перат и во машина.
Неколку совети:
- Превртете ги фармерките од внатрешната страна, закопчајте ги сите патенти и извадете сè од џебовите
- Температурата на водата не треба да е повеќе од 40˚С, а вртежите да не бидат повеќе од 600. Ако машината има посебна програма за џинс, искористете ја.
- Користете исклучиво течен детергент, а може да додадете и пола чаша оцет или специјално средство за задржување на бојата.
- Фармерките перете ги со други темни парчиња облека (црна, сива, тегет) – и тоа помага да се задржи бојата на сите парчиња.
Сушење
Не е важно само да ги исперете правилно фармерките, исто толку важно е и соодветно да ги исушите.
Неколку совети:
- Тексасот не бара силна светлина и високи температури, затоа заборавете на електричното сушење и оставање на тераса кога сонцето е најсилно. Дозволете да се исушат природно, подалеку од директна светлина, независно колку време ќе биде потребно.
- Не ги стискајте и вртете премногу фармерките за да ги исцедите, доволно е малку да ги протресете и да поминете со рацете низ нив.
- За побрзо сушење може прво да постелите крпа, а одозгора да ги ставите фармерките, па да ги ролате во крпата и нежно да притиснете за да се исцеди вишокот вода.
- Добро истегнете го и исправете материјалот пред да го ставите да се суши, за да ја задржи својата форма.
Уште неколку совети за да се задржи бојата на фармерките
- Колку пократко трае перењето во машина, толку подолго бојата ќе се задржи. Затоа, ако има мала дамка на нив, не мора веднаш да ги ставате во машина – обидете се рачно да ја извадите.
- Ако фармерките немаат никакви дамки, само сакате да ги освежите, а неодамна сте ги переле во машина, може да ги ставите во кеса за замрзнување и да оставите да отстојат во замрзнувач – тоа ќе помогне за отстранување на мириси.
- Кога бирате детергенти, бирајте ги оние за темна облека за да се задржи бојата.
- Ако правилно сте ги сушеле фармерките, нема потреба од пеглање. Но, ако имаат згужвувања, напрскајте ги со чиста вода, здиплете ги на пола, измазнете го за рака материјалот и внимателно сролајте ги нагоре.
- Некои луѓе што многу си ги сакаат фармерките дури и ги перат фармерките на себе – ги облекуваат, седнуваат во када со топла вода, го четкаат материјалот, а потоа ги ставаат на сушење.
М. М. | Црнобело