Кршливи заби - анксиозност: Што открива состојбата на забите и непцето за вашето здравје?
Нарушувања во исхраната
Сериозните нарушувања во исхраната, како анорексија и булимија, можат да ве направат посклони кон кариес.
За ова постојат две главни причини. Најпрво, честото повраќање ги изложува забите на киселините од стомакот, а со тоа го уништува нивниот заштитен слој и ги прави посклони кон кариес.
Исто така, и недостатокот од хранливи материи поради нарушувањата може да предизвика проблеми со забите.
Дијабетес
Луѓето со дијабетес се посклони кон инфекции, а со тоа и кон болести на непцето.
Обично болестите на непцето се предизвикани од наталожување на таканаречениот забен камен.
Што значи, ако не ги чистите забите правилно, а имате и дијабетес, сами се изложувате на поголем ризик од проблеми со непцата.
Проблеми со кардиоваскуларниот систем
Некои истражувања покажале дека проблемите со срцето можеби се поврзани со воспаленијата и инфекциите предизвикани од бактериите во устата.
Овде спаѓаат проблеми како затнати артерии и мозочен удар.
Но, потребни се дополнителни истражувања за да се открие од каде потекнува оваа поврзаност.
Деменција
Запоставувањето на оралната хигиена може да биде еден од првите симптоми на деменција.
Причината е тоа што поради болеста, луѓето забораваат дали ги измиле забите или воопшто не ни помислуваат на тоа. А, лошата орална хигиена е една од најголемите причини за појава на кариес и проблеми со забите и непцето.
Како да ги заштитите вашите заби?
Навистина е многу полесно да водите добра грижа за забите, отколку подоцна да „се влечете“ по ординации, па дури и да ги изгубите забите.
Доволно е да ги следите само следниве неколку правила:
1. Мијте ги забите два-трипати дневно, секојпат по барем две минути. Користете четка со меки влакна и паста со флуорид. Исто така, не ја плакнете устата барем половина час бидејќи пастата нуди дополнителна заштита на забите.
2. Секој ден барем еднаш чистете ги забите со конец – обрнете посебно внимание на катниците каде што се собира најмногу храна.
3. Еднаш во денот користете средство за плакнење на устата, но немојте веднаш откако ќе ги исчеткате забите – вака ќе го отстраните флуоридот од пастата. На пример, можете да го користите средството по ручек.
4. Хранете се здраво и пробајте да намалите со храна и пијалаци со многу шеќер.
5. Барем двапати годишно одете на преглед и не чекајте да одите на заболекар дури кога ќе ве заболи забот.
6. Ако ги следите овие чекори и водите добра грижа за здравјето, но сепак често имате проблеми со забите, секогаш е добро да се консултирате со лекар.
Спирова С. | Црнобело