Кршливи заби - анксиозност: Што открива состојбата на забите и непцето за вашето здравје?
Ако вашите заби станале покршливи, можеби имате проблеми со стрес и анксиозност. Овие состојби предизвикуваат триење нa забите, познато и како бруксизам, кое ги оштетува и ги прави покршливи.
Состојбата на вашите заби може да биде показател за целокупното здравје.
Ако водите грижа за себе, се храните здраво и се грижите за здравјето, тоа ќе се одрази и врз оралното здравје.
Ако не обрнувате внимание на здравјето, но и ако имате некој здравствен проблем, многу веројатно е да се појават и проблеми со забите и непцата.
Не значи дека секој проблем со забите укажува на поглем проблем со здравјето, но секогаш е добро да бидете свесни за сите симптоми за да можете да реагирате навреме.
Покрај лошата орална хигиена, кои здравствени проблеми можат да предизвикаат проблеми со забите?
Не се храните здраво
Ова е можеби најочигледно. Уште од најрана возраст заболекарите ни кажуваат дека лошата исхрана со многу шеќери е штетна за нашите заби.
Па, ако сте склони кон кариес и речиси постојано имате расипани заби, можеби треба да го промените начинот на исхрана.
Истовремено, цигарите, но и темните пијалаци како кафе и црн чај, со текот на времето можат да ги пожолтат вашите заби.
Во овој случај најдобро е да намалите со ваквите пијалаци и доколку можете оставете ги цигарите.
Можете и да се консултирате со вашиот заболекар кој ќе ви предложи третман за да ја вратите природната нијанса на вашите заби.
Анксиозност
Неретко луѓето кои се под многу стрес или имаат анксиозност ги тријат забите. Оваа појава е позната како бруксизам.
Со текот на времето, ова триење не само што може да предизвика болки во вилицата, туку може и да ги оштети забите. Проблемот е што несвесното триење на забите најчесто се јавува навечер, па многу луѓе не се ни свесни дека го прават.
Ако забележите дека забите ви се кршат полесно или ви изгледаат малку истругано на врвот, препорачливо е да го регулирате стресот или, ако има потреба, да разговарате со професионалец кој ќе ви помогне да се справите со проблемите со менталното здравје.
Вашиот заболекар, пак, може да ви даде специјална направа (како штитник) која можете да ја носите навечер за да не ги триете забите додека спиете.
Остеопороза
Оваа болест има влијание врз сите коски во телото, вклучувајќи ја и виличната коска.
Поради ова, може да предизвика паѓање на забите.
Анемија
Ако имате анемија, тоа значи дека вашето тело нема доволно црвени крвни зрнца или дека црвените крвни зрнца немаат доволно хемоглобин.
Како последица, телото не добива доволно кислород.
Оваа состојба може да направи вашата уста и вашите непца да изгледаат побледо од обично. Исто така, јазикот може да биде отечен и мазен.