„Ме боли глава, ќе врне“ - постои ли метеопатија и како да си ги олесните симптомите?
Сите добро го знаеме времето кога бабите се жалеа на „вртење на коските”, силна главоболка и слични симптоми заради промена на време. Денес, сè повеќе млади лица влегуваат во категоријата метеопати. Дали навистина постои оваа состојба и како да си ги олесните симптомите?
Климатските драстични температурни скокови направија да не правиме разлика помеѓу есен и пролет, па така нагло од летните алишта преоѓаме во чизми, капути и јакни.
Како влијае времето на нашето здравје?
Променливото време влијае на сите нас, а со намалување на сончевите денови се намалува и лачењето на серoтонинот – хормон на доброто расположение што доведува до намалување на енергијата и расположеноста, особено кај метеопатите.
Темпото на животот и работата од канцеларија, прави сè повеќе да се наоѓаме во затворени простории (особено во периодот на дождови и студени зими), па така организамот нема простор да се навикне на температурните промени што се случуваат.
Кај помладите, симптомите се најчесто главоболка, мачнина, потиштеност и замор, нагли промени на расположението, намалена концентрација, болки во делови на телото каде претходно имале некаква повреда, додека кај постарата популација, покрај овие симптоми, се јавува и тахикардија, зголемен крвен притисок, ревматски болки и сл.
Корисни совети за метеопатите:
1. Поминување повеќе време на отворено. Секој слободен ден искористете го за прошетка надвор од домот или работното место, на чист воздух, без разлика на временските услови, далеку од сообраќајниот метеж.
2. Вежбање и пешачење барем половина час.
3. Практикување на секојдневна утринска гимнастика или јога во комбинација со медитација - тоа е одличен тренинг за кардиоваскуларниот систем.
4. Релаксирачки масажи во домашни услови или во салони.
5. Користење на етерични и есенцијални масла на база лаванда и камилица - освен што релаксираат, ќе донесат и свежина во вашиот дом.
6. Туширање со наизменично топла и ладна вода за подобра циркулација.
7. Здрава исхрана богата со риба, зеленчук и овошје (по потреба внес на суплементи за повеќе витамини и минерали, во консултација со лекар).
8. Добар и квалитетен сон - половина здравје.
9. Најмалку два литра течности на ден, по можност вода или чај од камилица и маточина.
10. Умерен, а не претеран внес на кофеин, масти и шеќери.
Иако метеопатијата се дефинира како болест на денешницата, сепак е состојба.
Па така, не дозволувајте секојдневното проверување на временската прогноза да ви го дефинира расположението. И дождливото и облачно време има своја убавина.
На крајот од краиштата, сонцето повторно ќе огрее.
М. У. Т. | Црнобело / фото: depositphotos.com