Што предизвикува спонтан абортус и дали можете да го намалите ризикот?

Спонтаниот абортус обично е непредвидлив и може да биде предизвикан од многу фактори, вклучувајќи возраст, хронични болести и лоши животни навики. Поради ова, важно е да се консултирате со експерт во текот на целат бременост и да ги следите неговите препораки.

shto-predizvikuva-spontan-abortus-i-dali-mozhete-da-go-namalite-rizikot-01.jpg

Спонтан абортус е ненадеен прекин на бременоста во првите 20 недели. Повеќето спонтани абортуси се случуваат пред 12-тата недела од бременоста.

Според Mayo Clinic, околу 10 до 20% од бременостите завршуваат со спонтан абортус. Но овие бројки се однесуваат на случаи кога жената знае дека е бремена.

Бидејќи спонтаниот абортус се случува многу рано во бременоста, уште пред жената да дознае дека е бремена, експертите претпоставуваат дека овој број е поголем.

Ова покажува дека, за жал, спонтаниот абортус е релативно честа појава, а притоа е многу стресно искуство за жената.

Што сè треба да знаете за спонтаниот абортус и постои ли начин да се спречи?

Кои се симптомите?

Најчестиот симптом на спонтан абортус е вагиналното крвавење.

Ова крвавење може да биде обилно, но и послабо. Крвта може да има од кафеава до црвена нијанса.

Имајте на ум дека кај некои жени може да се појави слабо вагинално крвавење во првите три месеци од бременоста, без спонтан абортус.

Но, ако го забележите овој симптом, не оставајте ништо на случајноста и веднаш одете на лекар.

Покрај крвавењето, можат да се појават и други симптоми:

  • Болки и грчеви во долниот дел од стомакот
  • Болки во долниот дел од грбот
  • Вагинален исцедок
  • Исчезнување на симптомите на бременост, како мачнина и болка во градите

shto-predizvikuva-spontan-abortus-i-dali-mozhete-da-go-namalite-rizikot-02.jpg

Некогаш спонтаниот абортус настанува поради вонматерична бременост, односно кога имплантацијата на јајцеклетката е надвор од матката.

Вонматеричната бременост може да биде опасна бидејќи може да предизвика внатрешно крвавење, затоа е важно веднаш да одите на лекар.

Симптомите на вонматерична бременост обично се појавуваат помеѓу 5-тата и 14-та недела од бременоста.

Дел од најчестите се:

  • Силна болка во стомакот, обично од едната страна, како и болка на раменото
  • Вагинално крвавење, обично откако ќе се појави болката
  • Повраќање и дијареја
  • Екстремен замор, а некогаш и губење свест

shto-predizvikuva-spontan-abortus-i-dali-mozhete-da-go-namalite-rizikot-07.jpg

Што предизвикува спонтан абортус?

Постојат многу причини за спонтан абортус и генерално е тешко да се одреди од што бил предизвикан.

Според NHS, обично причината е поврзана со фазата на бременоста. Односно, причините се разликуваат во зависност од тоа дали станува збор за прво или второ тримесечје од бременоста.

Во првото тримесечје, најчесто причината се проблеми со хромозомите на фетусот. Можно е фетусот да има премногу или премалку хромозоми.

Потребни се дополнителни истражувања за ова, но генерално значи дека поради неправилниот број на хромозоми, фетусот нема да може да се развива правилно, па настанува спонтан абортус.

Во првото тримесечје можно е да настане спонтан абортус и поради проблеми со плацентата.

Во второто тримесечје, спонтаниот абортус може да биде предизвикан од хронични болести, како:

  • Дијабетес
  • Многу висок крвен притисок
  • Лупус
  • Болести на бубрезите
  • Хипертироидизам и хипотироидизам

shto-predizvikuva-spontan-abortus-i-dali-mozhete-da-go-namalite-rizikot-04.jpg

Причина можат да бидат и некои инфекции како:

  • ХИВ
  • Кламидија
  • Гонореја
  • Сифилис
  • Маларија
  • Рубеола

Постојат и лекови кои можат да предизвикаат спонтан абортус во второто тримесечје. Токму поради ова, немојте да пиете никакви лекови во бременоста пред да се консултирате со лекар.

Други причини за спонтан абортус во второто тримесечје се:

  • Проблеми со структурата на матката, како необична форма или појава на фиброиди
  • Ослабено грло на матката
  • Синдром на полицистични јајници

shto-predizvikuva-spontan-abortus-i-dali-mozhete-da-go-namalite-rizikot-06.jpg

Што НЕ предизвикува спонтан абортус?

Бидејќи е релативно честа појава, постојат многу заблуди во врска со спонтаниот абортус.

Па, важно е да знаете дека следниве работи НЕ го предизвикуваат:

  • Секс за време на бременост
  • Проблеми со менталното здравје, како депресија
  • Вежбање – важно е да се нагласи дека станува збор за вежби соодветни за бремени жени. Ако сакате да вежбате, задолжително консултирајте се со лекар пред да почнете
  • Одење на работа

Ако сте несигурни дали нешто го зголемува ризикот од спонтан абортус, секогаш консултирајте се со вашиот гинеколог.

shto-predizvikuva-spontan-abortus-i-dali-mozhete-da-go-namalite-rizikot-05.jpg

Кои жени се изложени на поголем ризик од спонтан абортус?

Добро познат факт е дека возраста може да има големо влијание.

Според податоци споделени на NHS, 1 од 10 жени помлади од 30 години може да доживее спонтан абортус.

Кај жените на возраст од 35 до 39 ова се случува во 2 од 10 бремености.

Кај жените постари од 45 години, околу 5 од 10 бремености завршуваат со спонтан абортус.

Овие бројки можат да варираат, но ако сте загрижени за вашата возраст, разговарајте со вашиот гинеколог.

Други фактори што го зголемуваат ризикот:

  • Многу прекумерна тежина
  • Пушење
  • Користење наркотици
  • Пиење кафе (многу над препорачаната дневна доза)
  • Пиење алкохол

shto-predizvikuva-spontan-abortus-i-dali-mozhete-da-go-namalite-rizikot-03.jpg

Можете ли да го намалите ризикот?

Бидејќи самиот спонтан абортус може да биде непредвидлив, вие единствено треба да се потрудите да водите добра грижа за себе пред и во текот на бременоста.

Консултирајте се со експерт во текот на целата бременост и слушајте ги неговите препораки.

Исто така, избегнувајте ги ризичните фактори што ги спомнавме погоре, а доколку имате хронична болест, разговарајте со вашиот лекар.

Ако сепак доживеете спонтан абортус, не заборавајте да се консултирате и со експерт за ментално здравје кој ќе ви помогне да го пребродите тешкиот период.

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Како да ги заштитите малите деца од сонце и кога да почнете да користите крем со фактор? Откако вашето бебе ќе наполни 6 месеци, време е да воведете крем со фактор. Ова ...
Констипација кај деца – совети и трикови како во домашни услови да им помогнете Погрижете се вашето дете да пие доволно количина вода во текот на дено...
Симптоми на мини мозочен удар што не треба да ги игнорирате Минливиот исхемичен напад неретко е знак дека наскоро може да дојде до мозочен у...
Пеленски осип: Како се третира и кога да го носите детето на лекар? Доколку забележите дека вашето бебе има пеленски осип, тогаш многу е важно да ја...
Анемија кај децата: Како да ја препознаете и на што да внимавате? Анемијата не е нешто невообичаено, особено кај децата. Но, важно е да обрнете по...
Положби на спиење кои помагаат при разни проблеми со здравјето Ако имате проблеми со дигестивниот систем, како киселини, најдобро е да спиете с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg