Британец претерал со пиење витамин Д и завршил во болница – кои се несаканите ефекти од земање витамини на своја рака?
Маж од Велика Британија кому нутриционистот му препорачал да зема повеќе витамини, почнал секојдневно да консумира околу 20 различни видови суплементи. Што му се случило?
Маж од Велика Британија користејќи поголем број различни суплементи, што содржеле меѓу другото и Витамин Д, секојдневно земал по 150.000 интернационални единици (IU) од него, што е околу 375 пати повеќе од препорачаната дневна доза од само 400 интернационални единици.
Во научната студија објавена во британскиот медицинскиот журнал BMJ Case Reports, а пренесена од CNN, се говори за случајот на средовечен маж од Велика Британија кој по препорака на нутриционист почнал да зема повеќе витамини, без да се консултира со лекар.
Мажот секој ден пиел околу 20 таблети со суплементи (витамин Д, витамин К, витамин Ц, фолна киселина, витамин Б2, витамин Б6, омега 3, како и повеќе други витамини, минерали, нутриенти и пробиотици).
Околку 1 месец по започнувањето на „терапијата“ кај мажот почнале да се јавуваат првите симптоми на хипервитаминоза, по што веднаш престанал да ги зема суплементите, но симптомите не се смирувале ниту во следните 2 месеци, по што итно бил примен на болничко лекување.
Во овој период мажот се соочувал со екстремно повраќање, гадење, вртоглавици, болки во стомакот, грчење на мускулите во нозете, зуење во ушите, сува уста, зголемено чувство на жед, дијареа, а загубил околу 12, 7 kg.
Во болницата било востановено дека тој се предозирал со витамин Д, што резултирало со зголемување на нивото на калциум во крвта и проблеми со бубрезите.
Ова е уште еден доказ дека иако суплементите и витамините се достапни во сите аптеки и поголеми маркети и истите може да се купат без лекарски рецепт, секогаш треба да се консултирате со лекар во однос на тоа колку и какви витамини треба да земате.
Б. С. Б. | Црнобело
фото: depositphotos.com