Зошто наутро треба да го четкате и јазикот?
Ако покрај забите, секое утро го четкате и јазикот, ќе го намалите ризикот од проблеми како кариес, но и ќе ја спречите појавата на непријатен здив.
Едно од првите нешта што ги правиме наутро е четкањето на забите. Но дали го четкате и јазикот?
За да ги избегнете проблемите со оралното здравје, покрај забите, важно е да го четкате и јазикот. Поради неговата структура, на јазикот лесно „се закачуваат“ остатоци од храна и пијалаци кои треба да се отстранат.
Неколку причини зошто наутро треба да го четкате и јазикот:
Ќе ги отстраните штетните бактерии
Во нашата уста „живеат“ 700 различни видови бактерии. Додека дел од овие бактерии се добри за дигестијата на храната и оралното здравје, некои од нив можат да бидат и штетни.
Голем дел од овие бактерии, вклучувајќи ги и штетните, живеат на јазикот. Па, ако не го исчеткате, можете да ги голтнете, па тие ќе завршат во вашиот стомак.
Ќе го намалите непријатниот здив
Дел од бактериите и микробите што се наоѓаат на јазикот можат да бидат причина за појава на непријатен здив, особено наутро откако ќе се разбудите.
Кога ќе ги отстраните микробите и од забите, и од јазикот, автоматски ќе се ослободите и од лошиот здив што го предизвикуваат.
Ќе ја спречите појавата на болести
Штетните бактерии на јазикот можат да предизвикаат разни проблеми со оралното здравје, дури и ако редовно ги четкате забите.
Покрај тоа, овие бактерии можат да завршат и во крвотокот, па да се разнесат низ целиот организам.
Ќе го подобрите изгледот на јазикот
Веројатно не сте загрижени за изгледот на вашиот јазик, но веројатно и не ви е сеедно ако ја нема вообичаената розова боја.
Со четкањето ќе ги отстраните остатоците од храната и пијалаците и ќе му ја вратите нормалната боја на јазикот.
Ќе го подобрите сетилото за вкус
Рецепторите за вкус се наоѓаат на нашиот јазик. Па, логично е остатоците од храна и пијалаци на него да имаат влијание врз ова сетило.
Како правилно да го исчеткате јазикот?
Нема потреба да купувате ништо за оваа намена и доволно е да ја користите вашата четка за заби. Единствено можете да купите четка за заби која на задниот дел има рапава гума наменета за јазикот.
Најпрво треба да ги измиете забите и да ги исчистите со конец како вообичаено.
Потоа исплазете го јазикот и почнете да четкате од неговиот корен. Движете ја четката од коренот до врвот.
Немојте да притискате многу силно за да не се повредите.
На крај добро исплакнете ја устата со вода и добро исплакнете ја четката.
Спирова С. | Црнобело