Најчести вагинални проблеми, симптоми и совети за одржување вагинална хигиена – д-р Јасмина Вета Дарковски за CRNOBELO.com
Како влијаат сексот, бременоста, производи за контрола на раѓање и женска хигиена на здравјето на вагината? Кои се симптомите за вагинален проблем, како да се одржува вагиналното здравје и кога треба да се консултирате со гинеколог, за CRNOBELO.com појаснува д-р Јасмина Вета Дарковски, специјалист за гинекологија и акушерство.
Д-р Јасмина Вета Дарковски за CRNOBELO.com ќе пишува на разни теми поврзани со женското здравје, а овојпат се фокусираме на вагиналните проблеми и одржување на вагинална хигиена.
Секоја жена треба да биде свесна за своето тело и здравје, па со цел да спречите поголеми проблеми, важно е да ги знаете основите.
Различни фактори кои можат да влијаат на здравјето на вагината се:
Секс. Незаштитен секс може да резултира со сексуално преносливи инфекции. Присилниот секс или повредата на карличната област може да резултира со вагинална траума.
Одредени здравствени состојби и третмани. Некои состојби, како што се ендометриоза и карлична инфламаторна болест, може да предизвикаат болен секс. Лузни од операција на карлицата и одредени третмани за малигни болести, исто така, може да предизвикаат болен секс. Употребата на некои антибиотици го зголемува ризикот од вагинална габична инфекција.
Производи за контрола на раѓање и женска хигиена. Бариерните контрацептиви, како што се кондомите, дијафрагмите и поврзаните спермициди, може да ја иритираат вагината. Употребата на спрејови, дезодоранси или туширање може да предизвика или да ја влоши иритацијата.
Бременост и породување. За време на бременоста, вагиналниот исцедок често се зголемува. Во некои случаи, потребен е засек направен во ткивото на вагиналниот отвор за време на породувањето (епизиотомија).
Вагинално породување, исто така, може да го намали мускулниот тонус во вагината, но со специјални вежби за подобрување на тонусот на мускулатурата, може да се подобри елестицитетот на вагината.
Психолошки прашања. Анксиозноста и депресијата можат да придонесат за ниско ниво на возбуда и како резултат на тоа да се јават непријатност или болка за време на сексот. Траумата - како сексуална злоупотреба или болно сексуално искуство - исто така може да доведе до болка поврзана со сексот.
Нивоа на хормони. Промените во нивото на хормоните може да влијаат на вагината. На пример, производството на естроген се намалува по менопаузата и за време на доењето.
Губењето на естроген може да предизвика истенчување на вагиналната обвивка (вагинална атрофија), што го прави сексот болен. Оваа промена најчесто се јавува кај жените по менопаузата (по завршување на ментруалниот циклус).
Во постменопаузата можноста за зачестени вагинални или уринарни инфекции, но и сувоста е зголемена. Ова се должи на недостатокот на естрогени. Овие промени може да се корегираат со локална апликација на естрогени (таблети или крема) - во консултација со лекар.
Кои се најчестите вагинални проблеми?
Услови кои можат да влијаат на вагината вклучуваат:
Сексуални проблеми. Тие може да вклучуваат постојана или повторлива болка непосредно пред, за време или после секс (dyspareunia).
Болката за време на пенетрацијата може да биде предизвикана од неволни грчеви на мускулите на вагиналниот ѕид (vaginismus). Мускулите во карличниот под може да станат напнати, предизвикувајќи хронична болка и болка за време на сексуалниот однос.
Сувоста на вагината, која често се јавува по менопаузата, исто така може да предизвика болка за време на сексуалниот однос.
Сексуално преносливи инфекции. Разни сексуално преносливи инфекции можат да влијаат на вагината, вклучувајќи кламидија, гонореја, генитални брадавици, сифилис и генитален херпес. Знаците може да вклучуваат абнормален вагинален исцедок или генитални рани.
Вагинитис. Инфекција или промена во нормалната рамнотежа на вагиналниот квасец и бактерии може да предизвика воспаление на вагината (вагинитис).
Симптомите вклучуваат вагинален исцедок, мирис, чешање и болка. Вообичаени типови на вагинитис вклучуваат бактериска вагиноза, габични инфекции и трихомонијаза.
Релаксација на карличниот под. Ако потпорните лигаменти и сврзните ткива што ја држат матката и вагиналните ѕидови станат слаби, матката, мочниот меур, ректумот или вагиналните ѕидови може да се лизгаат надолу (пролапс). Ова може да предизвика испакнатост во вагината или истекување на урина при кашлање и кивање.
Други ретки состојби. Вагиналните цисти може да предизвикаат болка за време на сексот или да го отежнат вметнувањето тампон.
Ракот на вагината - кој најпрво може да се појави како вагинално крварење по менопаузата или сексот - исто така е ретка можност.