Жени споделуваат искуства: Зошто е важно да се зборува за менопаузата и симптомите што ги предизвикува?

За секоја жена, менопаузата е период исполнет со промени – и физички, и психички. Повеќето жени чувствуваат поблаги симптоми на менопауза, кои сепак можат да бидат пречка во секојдневието, а некои се соочуваат и со поинтензивни симптоми кои, за жал, не се сериозно сфатени од другите.

zheni-spodeluvaat-iskustva-zoshto-e-vazhno-da-se-zboruva-za-menopauzata-i-simptomite-shto-gi-predizvikuva-01.jpg

Жените кои веќе поминале низ менопауза, без разлика со колку интензивни симптоми, сакаат другите да бидат свесни за проблемите што може да ги предизвика оваа фаза од животот.

Поради хормоналните промени, жените во менопауза се соочуваат и со променливо расположение, а бидејќи ретко се зборува за ова, некогаш можат да бидат исплашени бидејќи не ја знаат причината за нивната состојба.

Промените кои доаѓаат со менопаузата се сосема нормални, но жените треба да бидат свесни за нив за да знаат што точно им се случува.

Симптомите што ги предизвикува менопаузата се дефинитивно тема за којашто треба да се зборува почесто, но и да им се покаже повеќе разбирање на жените кои се во оваа фаза од нивниот живот.

Сакајќи да ги натераат другите да сфатат дека менопаузата може да има големо влијание врз секојдневието, две жени ги споделиле нивните искуства со Daily Mail.

Овие жени се соочиле со поинтензивни симптоми од вообичаено, односно нивните симптоми се јавуваат кај мал број жени. Но, сепак, тие се добар пример за тоа низ што минуваат жените за време на менопауза и зошто треба да им се покаже повеќе разбирање.

Хедер Хенкок, 54 години

Додека Хедер не почувствувала многу од вообичаените симптоми на менопауза, кај неа се јавила изразена конфузија. Поради ова, пак, често се случувало да заборава некои работи.

Не знаејќи дека менопаузата може да биде причина за тоа, Хедер почнала да стравува дека можеби има деменција бидејќи татко ѝ страдал од таа болест.

Поради целата ситуација, Хедер била и депресивна, па се сомневала дека можеби има депресија или анксиозност.

Кога решила дека е време да оди на лекар, на Хедер ѝ кажале дека причината за сите проблеми е менопаузата, како и недостаток од одредени хормони. Нејзиниот гинеколог веднаш ѝ препишал терапија и животот на Хедер повторно се вратил во нормала.

„Бев среќна што најдов лекар кој целосно ја разбира менопаузата и одвои време за да ме разбере. Менопаузата е нешто за коешто никогаш не зборував, но сега сфаќам колку е важно жените да зборуваат за ова за да можат да ја добијат потребната помош. Мораме да се поддржуваме во овие години“.

zheni-spodeluvaat-iskustva-zoshto-e-vazhno-da-se-zboruva-za-menopauzata-i-simptomite-shto-gi-predizvikuva-4.jpg

Џо Мосли, 56 години

Џо вели дека не ги препознала првите симптоми на менопауза кои почнале да се јавуваат кога имала 48 години. Како и многу други жени, таа била убедена дека е депресивна и анксиозна поради стресот и фактот дека нејзините родители биле многу болни.

Околу три години, Џо едвај се справувала со негативните емоции, чувствувала болки во телото и, како што вели самата, најлошото е што не ни знаела зошто ѝ се случува тоа. Кога случајно почнала да разговара со пријателка за менопауза, сфатила дека е всушност во таа фаза од нејзиниот живот.

Кога конечно ја открила причината, Џо почнала да оди на психијатар за полесно да се справи со емоциите, а редовно се консултирала и со гинеколог кој многу ѝ помогнал.

„Многу жени едноставно не знаат низ што минуваат – и јас бев една од нив! Постојано се прашував – дали е депресија, дали е анксиозност… И, никогаш немав одговор.

Мораме да зборуваме за овие работи за жените во менопауза да знаат дека можат и заслужуваат да добијат помош. Нашите тела минуваат низ ова и не треба да се срамиме“.

zheni-spodeluvaat-iskustva-zoshto-e-vazhno-da-se-zboruva-za-menopauzata-i-simptomite-shto-gi-predizvikuva-03.jpg

Кои се најчестите симптоми на менопауза?

Постојат неколку симптоми што ги забележуваат скоро сите жени од почетокот на менопаузата, сè додека да им се стабилизира организмот:

  • Нередовна менструација (додека целосно да престане)
  • Сувост на вагината
  • Ноќно потење
  • Проблеми со спиењето
  • Променливо расположение
  • Зголемена тежина и забавен метаболизам
  • Сува кожа

Овие симптоми се јавуваат поради хормоналните промени во организмот и иако се безопасни, можат да ве исплашат ако не знаете дека ви почнува менопаузата.

Затоа е важно да ги знаете симптомите ако сте повозрасни за да можете веднаш да побарате помош. Повеќето симптоми можат да се контролираат со терапија од лекар и промени во животните навики.

Што значи, ако имате 40 или повеќе години и забележувате некои од симптомите, најдобро е да посетите лекар кој ќе ви помогне да утврдите дали станува збор за менопауза.

Прочитајте повеќе: Симптоми на менопауза кои е добро да ги знаете за да бидете подготвени на промените

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

4-те најчести митови за менопауза во кои не треба да верувате Дебелеењето е неизбежно и менопаузата значи дека сте стари – во кои митови за ме...
Рамни стапала кај деца: Што ги предизвикува и кога е време да побарате помош? Важно е да запаметете дека детето никогаш не треба да носи чевли што ги носело д...
Пеленски осип: Како се третира и кога да го носите детето на лекар? Доколку забележите дека вашето бебе има пеленски осип, тогаш многу е важно да ја...
Анемија кај децата: Како да ја препознаете и на што да внимавате? Анемијата не е нешто невообичаено, особено кај децата. Но, важно е да обрнете по...
Вие прашувате, психолог одговара: „Не можам да заборавам смрт на близок и да почнам да учам за испит... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Симптоми на мини мозочен удар што не треба да ги игнорирате Минливиот исхемичен напад неретко е знак дека наскоро може да дојде до мозочен у...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg