Филм пред спиење ќе ве релаксира и уште 6 популарни митови на кои треба да заборавите
Постојаното ’рчење е нормално, можете да се доспивате за време на викенд – постојат бројни митови за спиењето кои неретко можат да предизвикаат проблеми.
Како за сè останато, и за спиењето постојат бројни митови во кои веруваат многу луѓе. Но, дел од овие митови можат да ви предизвикаат многу проблеми.
Затоа, погледнете кои се популарните митови за спиењето за кои е најдобро да заборавите:
Постојаното ’рчење е сосема нормална појава
Иако одвреме-навреме на сите ни се случува да ’рчиме, ако често се соочувате со овој проблем, добро би било да се консултирате со лекар.
Постојаното ’рчење може да биде знак за низа проблеми – од апнеја, па сè до кардиоваскуларни болести. Покрај тоа, ’рчењето може да го намали квалитетот на вашиот, но и сонот на вашиот партнер, а ова си носи и други проблеми.
Покрај консултацијата со лекар, можете да направите и неколку животни промени што ќе ви помогнат да го намалите ’рчењето, како одржување на оптимална телесна тежина и ограничување на внесот на алкохол доколку пиете многу.
Долгите попладневни дремки се добри за вас
Дремката околу пладне, не подолга од 20-тина минути, може да ве освежи и да ви го подобри расположението.
Но од друга страна, ако дремете по 15 часот, и тоа повеќе од 20 минути, ќе го постигнете спротивниот ефект. Односно, ќе се чувствувате сонливо и изморено, а вечерта ќе ви биде тешко да заспиете.
Во ред е да спиете многу
На просечниот возрасен човек му се потребни околу 8 часа сон и овој број може да варира.
Сепак, не е препорачливо да спиете повеќе од 9-10 часа навечер. Претераното спиење може да биде исто штетно колку и недостатокот од спиење и може да предизвика проблеми како дебелина, дијабетес, па дури и проблеми со срцето.
Имајте на ум дека ова важи само за возрасни личности – на тинејџерите можат да им бидат потребни и до 10 часа секоја вечер.
Гледањето забавен филм пред спиење може да ви помогне да се релаксирате
Иако денес скоро сите сакаат да се релаксираат со филм пред спиење, ова може да претставува проблем, најмногу поради светлината што ја емитуваат екраните.
Навечер нашето тело почнува да го лачи хормонот мелатонин кој му кажува на организмот дека е време за спиење. Кога навечер ќе се изложите на вештачка светлина, лачењето на мелатонинот може да биде нарушено, а со тоа и вашиот сон.
Затоа, пред спиење најдобро е да се релаксирате со книга, музика или што било без екран.
Постарите луѓе треба да спијат помалку
Иако постои верување дека на постарите луѓе им треба помалку сон, ова не е точно. Како што напоменавме, бројот на часови може да варира, но и на постарите луѓе генерално им требаат 7-8 часа сон секоја вечер.
Единствено разликата е што возраста може да го наруши квалитетот на сонот, па поради тоа постарите луѓе да спијат помалку. Во овој случај добро би бил да се консултираат со лекар и да најдат решение.
Можете да надополните за изгубениот сон за време на викенд
Можете да надополните за изгубениот сон за време на викенд, но само ако ова се случува повремено.
Ако секоја недела спиете недоволно, спиењето до пладне за викенд нема да ви биде од никаква помош. Истовремено, недостатокот од сон ќе предизвика секакви проблеми, вклучувајќи и дебелина, висок крвен притисок, проблеми со бубрезите…
Никогаш не треба да вежбате пред спиење
Многу луѓе избегнуваат да вежбаат навечер мислејќи дека физичката активност ќе им го наруши сонот.
Донекаде, ова е вистина – можете да си го нарушите сонот само ако имате пренапорен тренинг пред спиење. Но, лесниот кардио тренинг, малку јога или пилатес не само што нема да предизвикаат проблеми, туку можат и да го подобрат квалитетот на вашиот сон.
Неколку совети за подобар и поквалитетен сон
1. Секој ден, дури и за викенди, легнувајте си и будете се во исто време. Кога организмот ќе се навикне на рутината, многу полесно ќе заспивате и ќе се будите.
2. Избегнувајте тешка, зачинета и слатка храна околу четири часа пред спиење – дигестијата може да го наруши квалитетот на сонот.
3. Избегнувајте кафе и пијалаци со кофеин шест часа пред спиење.
4. Проветрувајте ја спалната пред спиење и потрудете се температурата да не биде премногу висока или ниска. Според многу експерти, оптималната температура е околу 18 степени Целзиусови.
5. Ако сте во можност, користете ја спалната соба само за спиење, а не и за работа, гледање телевизија и слично.
6. Избегнувајте алкохол четири часа пред спиење. Иако алкохолот може да ве направи сонливи и да ви помогне да заспиете, во текот на ноќта можно е да се разбудите неколкупати поради него.
Спирова С. | Црнобело