Докторки одговараат на најчестите прашања за бременоста и плодноста
Како можат да се зголемат шансите за зачнување, какво влијание имаат контрацепциските пилули, кои се ризиците ако сте повозрасни – сето ова се прашања чиј одговор сигурно би сакале да го знаете ако се обидувате да забремените.
Секоја жена што сака да стане мајка има безброј прашања поврзани со плодноста.
Затоа, за BuzzFeed, четири докторки решиле да дадат одговор на најчестите прашања поставени од читателките.
Дали е доцна да родам здраво бебе по 35-тата година? Колкаво влијание има возраста врз плодноста?
35 не е доцна да се има бебе. Возраста има влијание врз плодноста бидејќи со годините се намалува квалитетот, но и бројот на јајце клетки. Ова значи дека како што старееме, секој месец се намалува можноста за бременост.
Повеќето парови кои често имаат незаштитен секс, обично зачнуваат во првата година откако почнале да се обидуваат.
Во 20-тите години шансите за бременост се најголеми, а потоа се намалуваат. Односно, здрава 30-годишна жена секој месец има 20% можност да остане бремена. Ако жената е во 40-тите години, тогаш секој месец има околу 5% можност да остане бремена.
Намалениот квалитетот на јајце клетките, пак, го зголемува ризикот од спонтан абортус. На пример, ризикот за спонтан абортус на 30 години е 1 од 4, на 35 години – 1 од 3, а на 40 години – 1 од 2.
Имам синдром на полицистични јајници и никогаш немам „нормални“ менструации. Дали ова значи дека не овулирам?
Еден од знаците за полицистични јајници е намалена или целосно прекината овулација. Некогаш жените со овој синдром овулираат, но ако немате менструација, најверојатно не овулирате.
Во овој случај, ако сакате да забремените, ќе треба да ви препишат терапија што ќе ја поттикне овулацијата.
Имав анорексија, сега закрепнав и повторно добивам менструација. Дали уште постои ризик од проблеми со плодност?
Во повеќето случаи, најголемиот предизвик по надминување на нарушување во исхраната е добивањето менструација.
Сепак, потребни се уште истражувања за тоа дали долгото одложување на менструацијата има влијание врз бројот и квалитетот на јајце клетките.
Во овој случај најдобро посетете гинеколог кој ќе ви помогне да откриете дали имате какви било проблеми.
Дали можам да забременам природно, откако сум родила дете со асистирано оплодување (и донор на јајце клетка)? Уште овулирам, но не можам да забременам со моите јајце клетки.
Ова зависи од многу фактори, но да – можете да забремените дури и ако првата бременост била со асистирано оплодување и јајце клетки од донор.
Возраста предизвикува најмногу проблеми кај плодноста на жените. Па, ако жената уште овулира, постои можност да забремени. Сепак, ако претходно биле потребни јајце клетки од донор, ова можеби е знак дека вашите јајце клетки се со послаб квалитет и не можете со сигурност да знаете дали ќе останете бремени.