Вагинални инфекции, контрацепција: Најголемите митови за женското здравје
Женскиот репродуктивен систем е мошне комплициран, но ако сте жена би требало добро да го проучите.
Постојат безброј митови за женското здравје кои, за жал, можат да предизвикаат сериозни проблеми. Затоа, секојпат кога станува збор за здравјето на вашите репродуктивни органи, консултирајте се гинеколог.
Немојте да лекувате инфекции на своја рака, немојте да пиете апчиња без консултација со лекар и најдобро не верувајте во овие митови:
Контрацепциските апчиња немаат несакани ефекти
Апчињата за контрацепција се одлична заштита од бременост, но не заборавајте да разговарате со вашиот гинеколог и за несаканите ефекти.
Несаканите ефекти зависат од видот на пилулите што ги земате, како и од вашиот организам, но генерално најчестите се гадење, чувствителност во градите и главоболка. Бидејќи сепак станува збор за хормонски апчиња, можно е да се појават и промени во вашето расположение.
Ако забележите поизразени несакани ефекти, немојте да ги игнорирате, туку веднаш одете на гинеколог.
И, како и сите апчиња, немојте да ги земате ни овие на своја рака, без консултација со гинеколог.
Сите инфекции се поради лоша хигиена
Секоја жена ќе се соочи со неколку инфекции на гениталиите во животот, а обично ова не е поврзано со лоша хигиена.
Вагината е деликатен орган и некогаш и најмалата промена на рН вредноста може да биде причина за инфекција. Најчесто рН вредноста се нарушува со користење на шампони и сапуни кои не се наменети за интимна нега, што значи во некои случаи и претераното миење може да биде причина за инфекција.
Ако сакате да користите средство за интимна нега, најбезбедно ви е да се консултирате со вашиот гинеколог кој ќе ви помогне да го одберите најдобриот продукт за вас.
Спонтаните абортуси се многу ретки
Спонтаниот абортус е трауматично искуство за секоја жена, но факт е дека ретко се зборува за оваа тема. Поради тоа, постои верување дека спонтаните абортуси се многу ретка појава.
Според Mayo Clinic, околу 10-20% од бременостите завршуваат со спонтан абортус. Всушност, овој број може да е многу повисок, бидејќи голем број жени доживуваат спонтан абортус уште пред да дознаат дека се бремени.
„Парализирачките“ менструални болки се нормални
Наводно, околу 59% од жените чувствуваат силни болки за време на менструација, а голем дел од нив не можат да ги завршуваат ни наједноставните обврски поради ова.
Менструалните болки се нормална појава и можете да ги ублажите со топли облоги, одмор или некое апче против болка.
Но, ако имате екстремно силни болки поради кои не можете ни да станете од кревет, најдобро одете на гинеколог. Ендометриозата е една од болестите кои можат да предизвикаат ужасни менструални болки, па добро би било да се прегледате.
Втората бременост ќе биде иста како првата
Многу мајки ќе ви кажат дека бременоста со првото и второто дете биле сосема поразлични. Ниту една бременост не е иста, дури и кога станува збор за истата жена.
Ова не значи дека треба да се плашите, туку едноставно бидете подготвени да почувствувате и други симптоми кои не се јавиле во првата бременост. Некогаш можно е и втората бременост да биде полесна, со многу помалку симптоми.
Во ред е да спиете со тампон
Тампоните треба да се менуваат често – на секои 4, но не повеќе од 8 часа. Во спротивно, можете да се соочите со синдром на токсичен шок. Ако навечер спиете по 8 часа или повеќе, ризично е да си легнете со тампон.
За да не ризикувате, најдобро навечер ставајте влошка.
Како што напоменавме, ако имате какви било прашања или проблеми, консултацијата со гинеколог е најважна. Само тој може точно да ви каже што е добро за вас, а што не.
Спирова С. | Црнобело