Емотивна исповед на млада жена: „Зошто не треба да давате комплименти дека некој ослабел?“
Често ни се случува со некоја пријателка со која што не сме се виделе одамна да прокоментираме за нејзиниот изглед, да ѝ кажеме отворено: „Леле, си ослабела, одлично изгледаш“, без да размислиме дека намалените килограми не секогаш се должат само на диети, здрава исхрана и вежбање.
Лејн Ван Вренкен, во текстот I Don’t Compliment People On Weight Loss, And Here’s Why You Shouldn’t Either, објавен за Huffington Post отворено говори за борбата со проблемите со нарушување на исхраната и појаснува зошто комплиментите за загубените килограми и слабеењето се непристојни.
Лекувањето од нарушувања во исхраната таа го споредува со една од сцените во култниот филм Матрикс:
„Тоа е како да ја земаш црвената пилула во Матрикс: се чувствуваш ослободен од спрегите и очекувањата на општеството што е опседнато со имиџот, но најголемиот дел од твоите врсници ја земале сината пилула и се заглавени во тој парализирачки, празен свет. Осамен си во слободата и копнееш за друштвото од другите.
Кога почнав да одам на терапија во 2015-тата година за да се третирам од долгогодишните нарушувања во исхраната немав поим што ме чека. Голем дел од програмата беше сконцентриран на репрограмирање на мојот мозок и на учење како да му верувам на сопственото тело, неговата потреба за храна и желбата да го нахранам, а не да го изгладнам.
Морав да научам да не држам диета, да престанам да се мерам и да престанам да се споредувам со познатите жени како кои што посакував да изгледам. Но, програмата ме научи дека треба да го променам начинот за разговарање за загубата на килограми“, вели таа.
Понатаму таа напоменува дека била мошне изненадена кога терапевтот ѝ појаснил дека не треба да им дава комплименти на луѓето што ослабеле.
„Ми требаа години за да разберам зошто е важно тоа правило и зошто не треба да даваме комплименти за загубените килограми. Кога некој што го познавам значајно ќе ослаби гледам коментари на социјалните мрежи како: „Леле, изгледаш одлично! Продолжи така!“ или „Се гордеам што се грижиш за сопственото здравје“. Не сакам да бидам идиот, ама знам дека не е во ред да се даваат комплименти за изгубените килограми поради повеќе причини“, вели Лејн.
Како што напоменува, давањето комплименти од ваков тип го потврдува застарениот наратив дека сѐ што е помало е подобро, послабото е идеално, а да се постигне витка линија е подобро отколку да се биде во плус големина, дека дебелите луѓе се неатрактивни, а дека гојазноста е твоја вина.
„Како ќе ја славиме позитивноста на телото и инклузивноста ако продолжиме да ја славиме загубата на килограми? Не можеме. И што ако личноста што сме ја фалеле повторно се здебели? Дали треба да ги критикуваме? Дали тие не успеале? Дали биле поуспешни кога биле помали? Дали нивното вреднување како луѓе завршува само затоа што станале поголеми? И кој може да каже дека загубата на килограми е тоа што таа личност го посакувала“, прашува авторката.
По ова таа ја прераскажува приказната за една пријателка на мајка ѝ која драстично ослабела додека била на хемотерапија.
„Со години таа беше на рестриктивни диети за да биде повитка, иако се чинеше дека ништо не може да ѝ ја намали тежината. Сепак, кога умираше, некако луѓето почнаа да ја гледаат како поубава, поуспешна, како личност што конечно ги постигнала целите и ослабела“, пишува авторката.
Втора причина според неа е тоа што не знаеме со какви предизвици се соочува личноста на која што ѝ даваме комплименти. Тука таа ги нагласува и предизвиците со кои што таа како личност што се лекувала од нарушувања во исхраната и до ден денес се соочува.
„Откако се породив во 2019-тата, го доев син ми, не спиев, се измачував во врските и одвај ја градев кариерата. Никогаш не излегував затоа што ми беше страв да го оставам син ми кај негувателки. Не ни забележав дека сум ослабела значително во тој мошне стресен период.
Едно утро, кога носев маица со дамки од млеко, а очите едвај ми беа отворени, некој ми рече: „Леле, изгледаш одлично! Си успеала да се вратиш во форма“. Бев послаба не затоа што сакав да бидам, туку затоа што страдав и емотивно и физички. Бев изгладнета, ненаспана и депримирана, а тоа што сум ослабела другите го гледаа како успех.
Се заблагодарив на комплиментот затоа што е тешко да се објасни во разговор на минување зошто комплиментите за слабеење не се пристојни. Но, тој комплимент повторно ме врати на онаа личност која бев пред да почнам да се лекувам, опседната со тежината со години, па така и тогаш почнав да се чувствувам вреднувано“, пишува Лејн.
Како трета причина зошто не треба да се даваат комплименти за слабеењето таа напоменува дека никогаш не знаеме дали личноста што ѝ даваме комплименти има одредени нарушувања во исхраната, па треба да ѝ пружаме помош, а не потврда.
„Во еден миг во моите доцни тинејџерски години, на врвот од едно од моите нарушувања во исхраната, една професорка ме застана во ходник и ми кажа дека дел од моите соученици зборувале за тоа дека сега изгледам одлично и дека треба да се гордеам што сум ја постигнала целта.
Она што таа не го знаеше е дека јас внесував околу 500 калории дневно, дека џвакав мастика без шеќер за да не чувствувам глад и дека секогаш се чувствував дека ќе се онесвестам, а мојата менструација престана 6 месеци претходно затоа што се изгладнував. Не ми требаше некој да ја охрабрува мојата болест, ми требаше некој да ме спаси од самата себеси, пишува Лејн.
Б. С. Б. | Црнобело