Зошто некои мажи ги чувствуваат симптомите на бременост на нивната партнерка?
Знаевте ли дека понекогаш, мажите ги чувствуваат симптомите на нивните бремени партнерки?
Иако звучи малку чудно, оваа појава навистина постои и е позната како кувад синдром, некогаш нарекуван и „сочувствителна бременост“.
Што точно претставува овој синдром?
Името на синдромот потекнува од францускиот збор couvée, што може да се преведе како „потомство“ или „потомок“. Првпат оваа појава е забележана уште во 1865-та, од страна на антропологот Едвард Бурнет Тејлор.
Едвард забележал дека мажите во примитивните заедници неретко ја имитирале болката на нивните партнерки за време на породувањето.
По ова биле направени и истражувања кои покажале дека и денес се случува мажите да покажуваат симптоми на бременост кога нивната партнерка е бремена.
Едвард ја поврзал појавата на овие симптоми со сочувствителноста на мажот кон партнерката, па оттаму и изразот „сочувствителна бременост“.
Интересно е што иако овој синдром е доста честа појава, уште не е класифициран како болест или психолошка состојба.
Мажите кои се соочуваат со него можат да помислат дека нешто навистина не е во ред со нив, за на крај на лекар да им кажат дека се со одлично здравје.
Кои се најчестите симптоми?
Исто како што секоја жена има различни симптоми за време на бременост, и секој маж може да чувствува различни симптоми. Симптомите можат да бидат психички, но и физички.
Психички симптоми:
- Депресија
- Анксиозност
- Проблеми со спиењето
- Немир
- Зголемена/намалена желба за секс и други промени во либидото
Физички проблеми:
- Гадење и повраќање
- Болки и подуеност на стомакот
- Промени во апетитот
- Грчеви во нозете
- Болки во грбот
- Иритација на гениталиите
- Промени во телесната тежина
Некои истражувања покажале дека доста чест симптом е и забоболката, која се појавува кај околу 43% од мажите со кувад синдром.
Кога и зошто се јавува овој синдром?
Кај бремените жени, непријатните симптоми почнуваат да се појавуваат во првото тримесечје, а според некои истражувања, овој период се јавуваат и симптомите кај нивните партнери.
Уште поинтересно е што во второто тримесечје, кога симптомите на бременост се колку-толку поблаги, експертите забележале дека истото се случува и кај мажите.
Наводно, симптомите на мажите некогаш се влошуваат со наближувањето на датумот за породување, слично како и кај бремените жени.
Бидејќи, како што напоменавме, синдромот уште не се смета за релевантен медицински проблем и повеќе го проучуваат антрополозите и социолозите, причините за неговата појава не се баш најјасни.
Се верува дека симптомите се појавуваат поради социјалната ситуација на мажите, односно бременоста на нивната партнерка, која влијае врз нивната психичка состојба.
Истовремено, овој период кај мажите е зголемена анксиозноста, особено ако стануваат татковци по првпат, а се покажало дека ова е поврзано со симптомите на кувад синдромот.
Некои експерти сметаат дека во овој случај големо влијание има и емпатијата на мажот кон бремената партнерка. Или, за почувствителните мажи е поверојатно да се соочат со синдромот.
Постаро истражување покажало дека кај паровите кои имале проблеми со неплодност постои поголема веројатност да се појави синдромот. Некои експерти сметаат дека некогаш причината може да биде и еден вид (потсвесна) љубомора кон бремената партнерка и нејзината мајчинска врска со детето, но и самиот факт дека мажот ќе стане родител.
Генерално, потребни се повеќе истражувања на оваа тема за да се дознае што точно го предизвикува овој психолошки одговор кај мажите.
Постои ли третман за овој синдром?
Засега нема конкретен третман за овој синдром бидејќи нема доволно истражувања. Повеќето експерти се согласуваат дека симптомите исчезнуваат сами, откако партнерката ќе се породи.
Ако вие и партнерката очекувате дете и сте во ваква ситуација, најпрво најдете начин да се справите со анксиозноста и стресот.
Притоа обидете се да се храните здраво, спијте доволно, не претерувајте со кафе и алкохол и избегнувајте многу стресни ситуации.
Ако сепак сте загрижени за вашата состојба, разговорот со вашиот лекар сигурно ќе ви биде од голема помош.
Спирова С. | Црнобело