Сè што треба да знаете за хемороидите: Причини, симптоми и начини за лекување
Хемороидите се дел од васкуларниот систем на аналниот канал чија основна функција е контролирање на празнењето на цревата. Кога аналните перничиња се воспалени и потечени стануваат дисфункционални и преминуваат во хемороидна болест.
Претпоставката е дека повеќе од половина од популацијата ќе се соочи со непријатниот проблем наречен хемороиди до својата 50-та година во животот. Состојбата подеднакво ги погодува и машкиот и женскиот пол.
Симптомите кои вклучуваат силно чешање, пецкање, болка и крварење во пределот на анусот никако не смеете да ги игнорирате затоа што укажуваат на ова воспаление.
Се дијагностицираат со рачен ректален преглед од страна на специјализирано медицинско лице, а согласно состојбата може да биде побарано да направите и аноскопија или ректоскопија, преглед кој се врши на крајниот дел од дигестивниот систем односно анусот и ректумот.
Разликуваме внатрешни и надворешни хемороиди. Внатрешните хемороиди не може да се видат ниту да се почувствуваат и најчесто не предизвикуваат непријатност за разлика од надворешните кои се проследени со отекување, остра и силна болка, тврда грутка во анусот, како и крварење и чешање.
Причини за создавање на хемороиди:
1. Опстипација со тврд и сув измет или дијареја
2. Силно напрегање за време на празнењето на цревата
3. Бременост
4. Дебелина
5. Возраста, која предизвикува ослабнување на ткивата
6. Тумор на стомачната празнина
7. Премногу време поминато во седечка положба
8. Неправилна исхрана со мала количина на растителни влакна или многу лута и зачинета храна
9. Анален секс
Како се лекуваат хемороидите?
Болката најчесто се повлекува за една недела до 10 дена. Она што може да го направите како третман во домашни услови е да користите креми, масти или чепчиња за хемороиди и да користите влажна и неутрална (непарфимирана) тоалетна хартија наместо сува.
Избегнувајте подолго седење и не кревајте тешки предмети. При празнење на цревата немојте дополнително да се напнувате. Особено важно е да направите промени во начинот на исхраната, односно да внесете храна богата со растителни влакна и да пиете многу течности.
Доколку болката не поминува, а симптомите не се повлекуваат после одредено време, задолжително консултирајте се со лекар.
(О)Милена | Црнобело