Сè за пилулата за „ден потоа“: Дали се пие на гладно, нуспојави и кога е најделотворна
Во денешно време достапни се разни видови на делотворни контрацепции, но кога ќе решите да ги прескокнете, обично се враќате на опцијата која се вика – пилула за ден потоа.
Пилулите за ден потоа, односно итната контрацепција, значително го намалуваат ризикот за бременост по незаштитен сексуален однос, но само ако се земаат правилно.
Што треба да знаете пред да ги користите?
Оваа таблета не е „таблета за абортус“ како што многу жени знаат да ја наречат. Се работи за таблета која го спречува оплодувањето на јајце клетките, односно:
- Ја спречува овулацијата.
- Го спречува оплодувањето на јајце клетката по овулацијата.
- Го спречува всадувањето, имплантацијата на оплодената јајце клетка.
Таблетата содржи хормон прогестерон и мора да се земе најдоцна 72 часа по незаштитениот однос, иако најдобро делување има првите 24 часа. Не мора да чекате одредено време за да ја земете, туку тоа може да го направите веднаш по односот.
Бидејќи се работи за таблета со неверојатно висока доза на хормони, никако не смее да се користи како редовна контрацепција, туку само во итни случаи.
Делотворноста на пилулите е помеѓу 80 и 90 проценти.
Таблетите не делуваат ако жената е веќе бремена. Се консумираат само еднократно во текот на менструалниот циклус, а дали била делотворна, ќе ви покаже следното доаѓање на менструацијата.
Во случај следната менструација да ви доцни повеќе од 5 дена, сепак мора да се обратите кај лекар.
Овие пилули генерално добро се поднесуваат, но може да предизвикаат:
- Главоболка
- Мачнина
- Болка во долниот предел на стомакот
- Вртоглавица
- Замор и исцрпеност
- Вагинално крварење кое не е поврзано со менструацијата
- Чувствителност на градите
- Подранета или задоцнета менструација
Треба да бидете посебно внимателни доколку сте алергични на некои од состојките или имате тешки заболувања на црниот дроб, како и астма.
Не се препорачува на девојки под 16 години.
Препорачливо е да каснете нешто пред да ја испиете таблетата. Но, ако константно повраќате во рок од 3 часа откако ќе ја испиете, би требало да испиете нова. Сепак, ова правете го во консултација со лекар.
Циклусот може да се промени, да дојде порано или подоцна, како и текстурата и бојата на менструацијата да бидат различни од вообичаено.
И одговорот на најчестото женско прашање - Дали овие пилули долгорочно влијаат на плодноста?
Вистина е дека пилулите го „изместуваат“ менструалниот циклус, па плодните денови може да се променат календарски, но долгорочно не влијаат на плодноста на жената.
За сите дополнителни прашања и промени, ви препорачуваме задолжително да се консултирате со лекар или стручно лице.
М. Д. | Црнобело