Како најдобро да ѝ помогнете на саканата личност која страда од депресија?
Депресијата е навистина често ментално нарушување и се проценува дека од неа страдаат околу 4,4% од луѓето ширум светот.
Депресијата е навистина сериозен проблем и не влијае само врз личноста што ја има, туку и врз нејзиното семејство, пријатели, партнери…
Aко познавате личност која страда од депресија, веројатно не знаете како да ѝ помогнете и што можете да направите за да ѝ ја олесните ситуацијата. Депресијата бара и професионална помош, но постојат некои работи со кои можете да ѝ помогнете на саканата личност.
Погледнете за кои станува збор:
Запознајте се со симптомите и најдете начин да разговарате со личноста
Депресијата е различна кај секого, но постојат некои симптоми што им се заеднички на повеќето, како:
- Намалена концентрација
- Замор
- Повлекување од пријателите и семејството
- Раздразливост
- Мисли за самоубиство
- Недостаток од мотивација
- Главоболки, болки во мускулите или проблеми со стомакот
- Дебелеење или слабеење
- Проблеми со спиење
- Чувство на тага и очај
Ако ги забележите овие симптоми кај некоја личност, најпрво треба да ја покажете вашата поддршка. Можеби не знаете како да ѝ пријдете на личноста, но важно е да ѝ кажете дека сте загрижени.
На пример, можете да кажете: Забележав дека изминатиов период најчесто си сам/а и повеќе не излегуваш. Сакам да те прашам дали си во ред и дали можам да помогнам некако.
Кога разговарате, особено важно е да бидете искрени, но немојте да ѝ судите на личноста, ниту, пак, да ја критикувате – ова може да ја натера уште толку да се „затвори“ и да не зборува со никого.
Истовремено, немојте да се грижите ако саканата личност не ја прифати веднаш вашата помош. Доволно е да ѝ покажете дека сте овде за неа, па ако има потреба од разговор или што било, ќе знае дека може да се потпре на вас.
Охрабрете ја личноста да побара професионална помош
Ако забележувате дека состојбата на личноста се влошува, обидете се да ја охрабрите да побара професионална помош.
Ако не се третира, депресијата може да се влоши и да предизвика цела низ проблеми, како злоупотреба на супстанци, самоповредување, па дури и самоубиство.
Но, не ја притискајте личноста да оди на психијатар, туку само предложете го разговорот со психолог како нешто што помогнало на многумина.
Кога личноста ќе почне да оди на психолог, немојте да го менувате односот кон неа. Никој не сака да биде сожалуван затоа што побарал помош.
Бидете нејзина поддршка
Постојат неколку начини на кои можете да ја покажете вашата поддршка:
- Понудете помош каде што треба и каде што личноста бара, без разлика за што станува збор.
- Понудете ѝ на личноста да ѝ помогнете со домашните обврски и слично.
- Поканете ја саканата личност на прошетка или на ручек. Ако ве одбие, немојте да ја притискате.
- Редовно проверувајте ја личноста и кажувајте ѝ дека се грижите за неа.
- Бидете трпеливи. Дури и со правилна терапија, депресијата не минува преку ноќ. Некогаш се потребни месеци за личноста да се излечи, а вие покажете ѝ дека ќе бидете со неа до крај.
Сепак, кога се грижите за личност со депресија, немојте да давате совети за третмани. Немојте да ѝ велите дека само треба да излегува повеќе или да се храни здраво за да ѝ биде подобро. Дури и ако намерата ви е најдобра, депресијата е посериозна од минливо чувство на тага, па воздржете се од советите.
Внимавајте на мисли за самоубиство
Иако повеќето луѓе со депресија не се обидуваат да извршат самоубиство, мислите за истото, заедно со самоповредувањето, се чести симптоми.
Ризикот од самоубиство може да се зголеми ако депресијата се влоши.
Знаците дека саканата личност можеби размислува за самоубиство можат да бидат:
- Почесто зборува за смрт
- Ги раздава работите што ги поседува
- Одеднаш прави тестамент
- Целосно се повлекува од семејството и саканите
Воопшто не е лесно да ја прашате саканата личност дали размислува за самоповредување или самоубиство, но важно е да дискутирате за ова. Ако сте навистина загрижени за безбедноста на саканата личност, најдобро и вие да разговарате со професионалец кој ќе ви каже како да постапите.
Може да биде вистински предизвик да ѝ и помогнете на личност со депресија, но понекогаш доволно е само да бидете „рамо за плачење“.
Важно е да ѝ покажете дека не ја осудувате за некои одредени постапки. Истовремено, немојте да ја преземате улогата на лекар или терапевт, туку мотивирајте ја личноста да побара помош.
Спирова С. | Црнобело