Што е парализа во сон и што да правите ако често не можете да си го помрднете телото?
Парализата во сонот е појава каде што луѓето не можат да го помрднат нивното тело додека заспиваат или се будат. Луѓето кои ја искусуваат оваа појава се будни, но не можат да ги помрднат мускулите на нивното тело.
Иако оваа појава може да биде навистина страшна, дури и придружена со халуцинации, важно е да знаете дека е безопасна и обично поминува максимум за неколку минути.
Што ја предизвикува парализата во сонот?
Во РЕМ фазата од сонот, нашето тело го прекинува секое движење на мускулите. Целта е да бидеме безбедни додека спиеме, односно да не се движиме додека сонуваме за да не се повредиме.
Парализата во сонот настанува кога телото го спречува движењето на мускулите, но личноста не е во РЕМ фазата од сонот, односно нејзиниот ум е буден и свесен.
Според експертите, парализата се појавува во два случаи: кога личноста заспива, или кога личноста се буди.
Кои се ризичните фактори?
Забележано е дека парализата во сонот е почеста кај луѓе со одредени медицински состојби, а постојат и други фактори што ја зголемуваат веројатноста за нејзина појава:
Нарколепсија – ова нарушување има влијание врз циклусот на заспивање и будење и најчесто е придружено со парализа во сонот.
Апнеја – ова е нарушување што го попречува дишењето за време на спиење.
Неправилен распоред на спиење – луѓето кои работат во различни смени и оние кои секоја вечер си легнуваат во различно време имаат поголем ризик од парализа во сонот.
Посттрауматско стресно нарушување – ова нарушување, заедно со стресот, заморот и некои трауми од минатото, може да го зголеми ризикот од парализа во сон.
Генетски фактори – според истражување од 2015-та, можно е парализата во сонот да има врска и со гените.
Како да се справите?
Бидејќи парализата во сонот не е штетно нарушување и обично поминува само, повеќето луѓе немаат ни потреба од помош.
Но понекогаш, самото искуство може да биде толку застрашувачко, што кај личноста може да се појави анксиозност. Во некои случаи, парализата во сонот предизвикува и несоница, бидејќи на личноста ѝ е страв да заспие.
Ако се соочувате со овој проблем и тој се појавува почесто, а истовремено има влијание врз вашиот живот, тогаш добро би било да побарате професионална помош.
Не постои конкретен лек за оваа појава, но ако ви претставува сериозен проблем, вашиот лекар може да ви помогне.
И вие можете да преземете неколку мерки во врска со овој проблем:
1. Променете ги навиките за спиење. Обидете се секоја вечер да си легнувате во исто време, и секое утро да се будите во исто време. Всушност, луѓето кои имаат некаков распоред на спиење многу поретко се соочуваат со парализа во сонот.
2. Променете ги други животни навики. Експертите препорачуваат дека вежбањето наутро, избегнувањето кафе и алкохол пред спиење и релаксирачките вечерни активности можат да го намалат ризикот од парализа во сонот.
3. Размислете дали имате други здравствени проблеми. Како што напоменавме, некои медицински состојби, како апнеја, па дури и депресија, можат да бидат причина за парализа во сонот. Ако имате некој ваков проблем, консултирајте се со вашиот лекар за да му најдете решение.
4. Едуцирајте се. Кога подобро ќе се запознаете со проблемот, нема да ви изгледа толку страшен. Читајте, разговарајте со поискусни, гледајте видеа и откријте што е можно повеќе за ова нарушување. Можеби со тоа нема да се ослободите од него, но барем ќе ја намалите анксиозноста што ја предизвикува.
За крај, важно е да знаете дека ако сте искусиле парализа во сонот само неколкупати во животот, нема потреба од грижа. Воглавно, фокусирајте се да го подобрите квалитетот на сонот и да се ослободите од лошите животни навики.
Ако нарушувањето ви создава проблеми во секојдневниот живот, најдобро одете на лекар.
Спирова С. | Црнобело