Најчестите заблуди за ракот на кожа
Во последните 4 децении, бројот на случаи со рак на кожа е зголемен за речиси 4 пати. Со тоа, ова стана најчестиот вид рак што ги погодува жените на возраст од 25 и 29 години.
Ракот на кожата, кој обично се појавуваше кај постарите жени, е сè почеста појава кај жените помлади од 40 години. Кога ќе го земете ова предвид, добро би било да знаете кои се најчестите заблуди за ова заболување.
„Бидејќи никој од семејството немал рак на кожата, нема за што да се грижам“
Една анкета покажала дека 61% од жените воопшто не размислуваат за ракот на кожа, само затоа што никој од нивното семејство не се соочил со болеста.
Сепак, генетиката не е единствениот фактор во овој случај, па неретко влијание имаат и бенките и изложеноста на сонце.
Всушност, само 35% од ризикот за рак на кожата е поврзан со генетиката.
Затоа, обрнете внимание на состојбата на вашата кожа. Ако имате сомнителна бенка, веднаш проверете ја. Истовремено, при секое излегување, дури и кога е облачно, нанесувајте заштитна крема.
„Ретко излегувам на сонце, па нема простор за грижа“
Во една анкета, 43% од жените одговориле дека изминатава година имале изгореници од сонце. 72% од нив изјавиле дека барем 5 пати во животот имале изгореници од сонце. А, токму овој фактор го дуплира ризикот од појава на рак на кожата.
47% од жените, пак, изјавиле дека ретко излегуваат на сонце.
Од друга страна, речиси половина од испитаниците признале дека посетуваат солариум. Проблемот е што само едно одење во солариум пред да наполните 35 години го зголемува ризикот од рак на кожа за дури 75%.
Науката смета дека солариумот е почеста причина за рак отколку цигарите.
Па, добро размислете дали сте имале изгореници од сонце, колку пати сте посетиле солариум и дали користите заштитна крема. Истовремено, добро е барем еднаш годишно да правите проверка на лекар.
„Потемнетата кожа изгледа здраво“
Многу анкети покажале дека жените сметаат дека изгледаат подобро со потемен тен. Па, не е ни чудно што речиси сите девојки се сончаат во текот на летото или посетуваат солариум.
Но, важно е да знаете дека потемнетата кожа можеби изгледа подобро, но во сончањето нема ништо здраво. Вашата кожа потемнува бидејќи телото почнува да произведува пигмент за да јa заштити вашата ДНК. Оштетувањата од сонцето, пак, се трајни.
„Доволно е да се нанесе заштитна крема за сонце“
Дури 81% од жените користат заштитна крема за сонце. Иако ова се одлични вести, истражувањата покажуваат и дека голем дел од нив имале изгореници во текот на годината. Ова значи дека веројатно, повеќето не ја нанесуваат кремата правилно.
Најдобро е да ја нанесете кремата, по можност со заштитен фактор 30, околу 20 минути пред да излезете од дома.
Ако се бањате или ако се потите повеќе од вообичаено, нанесувајте ја кремата на секои 2 часа.
Ако ризикот од рак на кожа не ви е доволна мотивација, не заборавајте дека сонцето ја старее кожата.
„Не можам да одам на преглед“
Дури 76% од луѓето не одат на преглед кај дерматолог. Но, токму редовните проверки ќе ви помогнат навреме да откриете дали има некој проблем со вашата кожа.
Кога проблемите со кожата ќе се откријат навреме, ќе ги решите многу полесно.
Спирова С. | Црнобело