Дали потсвесно знаеме да се грижиме за себе?
Во ера каде што е незамисливо да имаме повеќе обврски одошто имаме моментално се поставува прашањето: Дали се грижиме за себе?
Почнувајќи од адолесцентните години па до последниот здив ни се насобираат толку многу обврски кои дури ни стануваат рутина.
Дали паузата за кафе и цигара ни се единствените мигови за длабок здив?
Не е дискутабилно дека многу од нас без проблем наоѓаат по некој час за седенка во Центарот но честопати е како седење на трн, нели?
Неодамнешно истражување во рамките на средношколци во САД покажало дека тие трпат стрес, анксиозност и депресија што доколку би живееле во 1950-те би се наоѓале во ментална институција.
Дали е ова данокот што му го плаќаме на 21 век? Безброј помагала, услуги во секој аспект, а пак сме уморни и тонеме во работа..
Оваа застрашувачка помисла, тој удар на бран од реализација на сегашноста... Ве буни ли?
Сетете се на последниот пат кога искрено сте почувствувале момент на спокојство. Во прегратка на саканите, или удобно замоткани во ќебе и да се чувствувате одморено.
Кога последен пат од срце сте се смееле со пријателите?
Многу е потешко ова во практика отколку само ноншалантно да го кажеме, затоа што навиката да планирате време што ќе го посветите сами на себе и да се ставате себе како приоритет е цел процес.
И да се земе првиот чекор кон овој процес е многу тешко затоа што не може да ви помогне читањето книга за само-помош или совет од некој друг. Затоа што мора да почне одвнатре и нешто специфично за вас да го испровоцира тоа.
Размислете, што ве прави среќни? Како најлесно се фокусирате? Со кого сте најслободни? Зошто одредена работа ви предизвикува одредена емоција? Самоспознавањето е клучно.
И колку и да не дозволуваат условите и звукот од стрелките на часовникот, важно е да се прават тие обиди.
Еден по еден, неуспешен по успешен каков и да е, прави разлика.
Задоволството предизвикано од нешто прави зависност, тера да го го правите повторно. И тоа е добро.
Се вели дека за некоја работа да стане навика, треба да се прави 21 ден, непрекинато.
Вие и вашата општа благосостојба заслужувате шанса да го постигнете тој максимум на мир.
Ниедна цена не е превисока во замена за тоа да сте добро. Што и да значи добро за вас.
Сите ситници како слушањето на омилената песна, галењето на некое милениче, првото залче од оброкот.
Ако започнете да се свестувате дека ви скокоткаат насмевка, ќе почнат да ви го осветлуваат патот кон други задоволства.
Дејствувајте некако на тоа. Учете да го негувате и менталното здравје исто како и физичкото, сепак и мозокот е орган и е под ризик на неочигледни болести.
Со текот на времето, со константно посветување и труд новосоздадените навики ќе станат дел од вас.
Кога ќе се научите дека заслужувате повеќе од тоа што ви нуди светот и работата за да го надоградите, нема да ја гледата како работа и обврска. Тогаш и само тогаш ќе се знаете себе.
Вложете напор да се цените и да си давате важност. Да се ставате на прво место е сѐ освен себично.
Ако не сте среќни немате ништо убаво да понудите. А дали го сакате тоа?
Мила М. | Црнобело