Кашлање и замор - Знаци дека треба да обрнете внимание на здравјето на белите дробови
Денес чистиот воздух како да е луксуз, па добро е одвреме-навреме да обрнете внимание на вашите бели дробови.
Постојат неколку сигнали што ги праќа телото кога нешто не е во ред со белите дробови. Проблемот е што овие знаци и сигнали е лесно да ги игнорирате.
Но, доколку навистина им обрнете внимание, можете навреме да спречите некој посериозен проблем.
Во продолжение погледнете кои се симптомите кои покажуваат дека е време да се погрижите за здравјето на белите дробови:
Болка во рамената и грбот
Иако ова е редок симптом, болката во грбот, рамената, па и градите, понекогаш е знак за рак на белите дробови. Важно е да знаете дека доколку болеста се открие навреме, шансите за оздравување се поголеми.
Ако чувствувате болка во овие делови од телото веќе некој период, а ви изгледа како да нема причина за нејзина појава, најдобро е да одите на лекар.
Кашлање
Кашлицата често е симптом за некое полесно заболување како, на пример, настинка. Но, понекогаш кашлицата е знак за некоја хронична болест, па добро е да можете да ги разликувате разните видови кашлица.
Акутната кашлица може да биде знак за рак на белите дробови, особено ако е придружена со симптоми како искашлување крв.
Плитко дишење
Плиткото дишење најчесто е предизвикано од проблеми со срцето или белите дробови, како астма или алергии. Ако често го забележувате овој симптом, добро би било да го промените опкружувањето и да минувате повеќе време во природа на чист воздух.
Доколку плиткото дишење почнало да ви претставува проблем, најдобро е да го посетите вашиот лекар.
Жолти очи и кожа
Ова е знак што лесно се занемарува, но не треба да го игнорирате. Најчесто пожолтените очи или кожа укажуваат на проблеми со црниот дроб, но и со белите дробови.
Овој симптом најчесто е предизвикан од жолтица.
Недостаток на енергија
Нормално е одвреме-навреме да се чувствувате изморени. Недостатокот од сон и стресот можат да ви го намалат нивото на енергија.
Но, доколку постојано се чувствувате изморени, не престанувате да кашлате и имате промени во апетитот, можеби постои некој скриен медицински проблем.
Совети за одржување на здравјето на белите дробови
Лекарите постојано се обидуваат да ја нагласат важноста на здравјето на белите дробови.
Бидејќи не постои брзо решение за „чистење“ на дробовите, важно е да внимавате на вашите лоши навики и да ги промените навреме.
Откажувањето од пушењето и правилната исхрана се првите нешта што можете да ги направите за доброто на вашите бели дробови. Истовремено, тие се и најефикасните.
Доколку имате хроничен проблем со белите дробови, внесувајте повеќе храна богата со антиоксиданти.
Истовремено, обрнете внимание и на физичката активност. На овој начин ќе ги активирате дробовите и ќе ја подобрите нивната ефикасност.
Доколку имате хронично заболување, консултирајте се со вашиот лекар за тоа кои вежби се безбедни за вас.
Астмата е едно од најчестите белодробни заболувања, но засега не се знае точната причина за нејзиното настанување. Сепак, познато е дека прашината и некои микроорганизми што живеат во неа можат да ја влошат болеста.
Па, редовно чистете го домот од прашина, а за освежување на воздухот обидете се да користите природни продукти.
Спирова С. | Црнобело