Одговори на најчестите прашања за женското сексуално здравје
Факт е дека недостатокот од сексуално образование е проблем во многу држави. Поради ова, голем број жени знаат многу малку за здравјето на репродуктивните органи, за сексуално преносливите болести и како да се заштитат.
Всушност, 44% од жените не можат да ги идентификуваат абнормалните промени кај нивните гениталии, како на пример, промените во вагиналниот исцедок.
Од оваа причина, една жена гинеколог решила да ги одговори најчестите прашања на жените во врска со сексот и здравјето на вагината.
Како е најдобро да ги отстранувате срамните влакна?
Многу жени се прашуваат дали е подобро да ги отстрануваат влакната со бричење или со депилација. Воглавно, доколку одлучите да ги отстранувате срамните влакна, најдобро е да го правите тоа со депилација
Причината е што со бричење можете лесно да се пресечете, бидејќи немате добра прегледност. Покрај тоа, ќе треба да се бричите често, а со ова се зголемува ризикот од иритации.
Доколку сепак одлучите да ги бричите срамните влакна, немојте да го користите истиот брич и за пазуви или за нозе. На овој начин само ќе ги разнесете бактериите.
Како да ја чистите вашата вагина?
Секоја жена размислува за тоа како изгледа нејзината вагина, како мириса и кој е најдобриот начин да ја одржува интимната хигиена.
Важно е да знаете дека можете да ја исчистите интимната област без да користите шампони и сапуни со парфем. Всушност, парфемите можат да предизвикаат и иритација.
Доволно е да ја исчистите интимната област со вода, или со шампон за интимна нега без парфем.
Исто важно е и добро да ја исушите областа пред да облечете долна облека. Причината е што бактериите се размножуваат најмногу во влажна средина.
Што треба да правите после секс?
Жените кои не уринираат после секс се изложени на поголем ризик од циститис, односно воспаление на мочниот меур.
За време на секс, во мочниот меур навлегуваат бактерии, без разлика дали користите заштита или не. Доколку одите во тоалет после секс, ќе ги отстраните бактериите.
Што е циститис?
Ова воспаление настанува кога бактериите навлегуваат во мочниот меур од разни причини.
Најчесто причина за болеста се тампони, користење на дијафрагма како контрацепција, нецелосно празнење на мочниот меур, бришење од назад кон напред после одење во тоалет и дехидратација.
Најчестите симптоми на циститис се печење при уринирање, честа потреба за уринирање, темна или замаглена урина и болка во грбот или стомакот. Во некои случаи, можат да се појават и треска, температура, слабост и болка за време на секс.
Доколку забележите некој симптом, најдобро е да се обратите кај вашиот гинеколог.
Дали треба да употребувате лубрикант за време на секс?
За жените кои страдаат од сувост на вагината, сексуалниот однос може да биде навистина непријатен. Доколку и вие спаѓате овде, лубрикантите ќе ви бидат од голема помош.
Постојат и разни третмани против сувост на вагината, а вашиот гинеколог ќе ви помогне да го одредите најдобриот за вас.
Како да се справите со обилното крвавење?
Ако имате обилно крвавење, важно е да ја откриете причината за тоа. И во овој случај може да ви помогне вашиот гинеколог.
Постојат третмани за обилно крвавење, а еден од почестите се апчињата за контрацепција.
Но додека да го решите проблемот, можете да местите аларм навечер за да ја промените влошката. Доколку треба да излезете од дома, можете да ставите две влошки, што ќе впијат поголема количина крв.
Кои средства за контрацепција се достапни освен кондомите?
Денес постојат многу методи и средства за контрацепција, а важно е да го најдете оној што ви одговара најмногу.
Покрај кондомите, постојат пилули за контрацепција, импланти, инјекции и вагинални прстени. Воглавно, лековите за контрацепција ги содржат хормоните естроген и прогестерон.
Апчињата за контрацепција можат да се користат и за регулирање на хормоните, а можат да го решат и проблемот со акните. Се разбира, немојте никогаш да ги земате без консултација со гинеколог.
Друг метод за контрацепција е и спиралата, која е доста ефективна и може да трае и до 10 години.
Спирова С. | Црнобело