За подобар имунитет
Кога ќе дојде до пад на имунитетот организмот го совладуваат бактерии и вируси и доаѓа до заболувања. Ова е особено изразено за време на...
...студените денови, од доцна есен до рана пролет.
Имуниот систем е сложен систем на леукоцити и антитела во организмот кои се борат против инфекциите, бактериите, вирусите и другите страни (штетни) честици. Имуниот систем е нашата природна одбрана од болести.
Пореметувањето на имуниот систем го нарекуваме пад на имунитетот, кој може да педизвика низа здравствени пореметувања и болести бидејќи тогаш организмот е ослабен и подложен на дејство на вируси и бактерии.
Што се делува на пад на имунитетот?
На пад на имунитетот делуваат: долготрајни, хронични заболувања (дебелина, дијабет), операции, чести инфекции, долготрајна употреба на антибиотици, стрес, хроничен умор, исцрпеност, недоволна физичка активност, премногу интелектуална и физичка работа, загаден воздух, индустриска прашина, домашна прашина, изложување на долготраен студ, претерано изложување на сонце и топлина...
Имунитетот го оштетуваат и лошите навики: пушење, неправилна исхрана, долготрајни диети, недоволно спиење, нередовно одмарање, песимизам, лоша хигиена...
Особено во зима нашето тело е подложно на инфекции. Просто речено, нашето тело на студено троши многу енергија на загревање, па ако му ја одземеме со други „борби“ (умор, физички напор, стрес), а не му дадеме доволно калории, витамини и минерали, создаваме услови болеста да не совлада.
Како да се зајакне имунитетот?
За зајакнување на имунитетот неопходни се здрави навики и одговорно однесување: правилна исхрана, доволно сон, редовно одмарање, секојдневни физички активности, намалување на стресот, одржување на личната хигиена, одржување на хигиена на просторот.
- Правилна и здрава исхрана го зајакнува имунитетот. Во организмот треба да се внесуваат неколку помали редовни оброци кои треба да содржат доволно: витамини (особено Д, Ц и А), минерали, антиоксиданси, растителни влакна, протеини, јаглени хидрати и калории.
Од овошје се препорачува: јужно овошје, грозје, јаболки, бадеми но и природни овошни сокови. Од зеленчук издвојуваме: кромид, лук, зелка, патлиџан, пиперки, брокула.
Во недостаток на свеж зеленчук доволно витамини обезбедува и зимницата. Протеини и минерали се внесуваат пилешката супа, посно месо, месо од живина, риба, печурки и млечни производи со малку масти.
- Додатоци во исхраната можат да бидат медот и прополисот (матичен млеч) бидејќи поволно делуваат на имунитетот. Поволна комбинација е топол чај (од нане, камилица, зелен чај, хибискус...) засладен со мед. Мултивитамините помагаат ако веќе не внесуваме доволно витамини со редовната исхрана.
- Спиењето и одморот се неопходни за нашето здравје и намалување на стресот. Важно е да се спие во мир и тишина 7-8 часа дневно. Спалната соба не треба да е претопла. Дневниот, неделниот и годишниот одмор служат за опуштање на организмот.
- Намалување на стресот е можно ако во текот на денот одвоиме неколку минути само за себе. Тогаш би требало да седнеме или легнеме во мир и тишина и да не размислуваме за обврските барем 5 минути, бидејќи тоа многу поволно делува на организмот. Така делуваат и топлата купка или сауната, но за тоа треба малку повеќе време.
- Со редовни или умерени физички активности може да се подобри имунитетот и до 50% што е и научно докажано. Тоа подразбира: секојдневно пешачење, повремено пливање или лесно трчање, рекреативно планинарење.
Прошетките се особено добредојдени во зимскиот период и тоа во парк или покрај реки, за да се избегне загадениот град. Од домашните вежби се препорачуваат: вежби на дишење, јога, таи-чи-чуан и чи-јонг.
- Хигиената на просторот и личната хигиена се предуслови за добар имунитет. Редовното миење раце, се подразбира, бидејќи тие се најподложни на инфекции. Секој ден проветрете ги работните простории и спалната соба, со тоа што во студениот период проветрувањето треба да трае 3 до 5 минути.
Ова се само некои совети кои можат да ни помогнат за зголемување на имунитетот.