Прва помош за изгореници од сонце: 6 трикови за ублажување на болката
Сигурно и вам ви се случило да изгорите уште на првиот или вториот ден од одморот. Црвенило, болка, па дури и пликови, лош старт, зарем не?
Лето, сонце, море, плажа, добар ритам и коктели, па што би можело да ви го расипе расположението? Изгорениците од сонце. Болни и непријатни, ја стареат кожата, а на долг рок може да бидат и канцерогени.
Сепак, доколку и ова лето не се водите од изреката „подобро спречи, отколку лечи“, ви даваме совети како да ги третирате.
Без разлика дали станува збор за мало црвенило на кожата или големи пликови, следете ги овие совети:
Избегнувајте тесна облека
На вашата кожа во оваа состојба ѝ е потребно да дише. Организмот се обидува да одговори на траумата така што испраќа повеќе крв во оние делови каде кожата е изгорена, па тесната облека дефинитивно е лоша опција.
Ќе ви биде непријатно, плус ќе го влошите воспалителниот процес на погодените области. Носете широка облека од природни материјали.
Лек против воспаленија
Консултирајте се со доктор и земете некоја крема што ќе го смири воспалението и ќе ви ја ублажи болката. Постојат низа вакви, особено во аптеките на туристичките места.
Не ги допирајте пликовите
Ако сте претерале со сончањето, резултатот може да биде дури и пликови на кожата. Тие всушност се заштитна бариера затоа што кожата каде што изгорела е многу слаба, па е подложна на алергии и инфекции, затоа не смеете да ги отстранувате.
Некои советуваат да практикувате третман со млеко. Ставете неколку коцки мраз и млеко во сад, потоа натопете крпа во смесата и допрете до пликовите.
Протеините од млекото ќе ѝ помогнат на кожата да се регенерира и ќе ја смират болката. Можете повеќе пати да ставате вакви облоги.
Правилно негувајте ја кожата
Не смеете да се чешате и да ја лупите кожата. Почекајте таа сама да се излупи, бидејќи тоа е природен процес.
Важно е да ја хидрирате со соодветни лосиони, богати со хранливи материи. Но, од друга страна мора да внимавате на составот, затоа што оние кои содржат петролеум, лидокаин, бензокаин, може дополнително да ви ја иритираат.
Капење со млака вода
Наполнете ја кадата со млака вода во која ќе додадете масло од лаванда, сода бикарбона или неколку капки јаболков оцет.
Тие имаат антивоспалително дејство и ќе ви ја ублажат болката.
Пијте вода
Во овој период како што ја хидрирате кожата, мора да останете хидрирани и однатре, па затоа консумирајте многу вода.
С. С. | Црнобело