Женски исповеди: Зошто пијам антидепресиви?
Земањето антидепресиви, со години предизвикува контроверзии и поделени мислења во јавноста. Непрестајно се наметнува и прашањето дали тие се навистина делотворни, или, пак, не.
Во медицинскиот журнал „The Lancet“ беа објавени резултатите од повеќе од 500 експерименти, спроведени на 116.477 луѓе, според кои е дојдено до заклучок дека антидепресивите се поефикасни во лекувањето на менталните здравствени состојби од плацебото. Истражувањата, исто така, покажуваат дека одредени лекови се поделотворни од другите.
По ова истражување, членовите на Royal College of Psychiatrists изјавија за BBC дека шпекулациите околу нивната ефикасност може конечно да се отфрлат. Сепак, ова не значи и дека проблемот е решен, бидејќи менталните болести се комплексни, па оние што делуваат кај едни луѓе, не значи дека ќе им помогнат и на oстанатите.
Покрај тоа, мноштво антидепресиви имаат доста непријатни несакани дејства.
За британското издание на магазинот „Cosmopolitan“, пет жени ги споделија своите искуства на таа тема, раскажувајќи како им бил, или, пак, сѐ уште им е животот на антидепресиви:
„Стоички ги поднесувам сите несакани ефекти, бидејќи лекот ми овозможува повторно да бидам човек.“
„Живеев со антидепресиви и без нив, oткако на 13-годишна возраст ми беше дијагностицирана депресија. Имав и дијагноза на биполарно растројство, па со 17 години ми препишаа и антипсихотици. Не ми беше лесно со овие лекови, бидејќи на секој човек дејствуваат поинаку, ама јас бев упорна во настојувањето да го најдам најдоброто за себе. Денес сум нивниот најголем поборник.
Благодарение на лековите, сега работам, излегувам од дома, комуницирам со луѓе и се дружам со пријателите. Одново знам што е љубов и ентузијазам. Депресијата ги блокира сите овие чувства. Несаканите дејства се вообичаени и мошне честа е ситуацијата кога личноста треба самата да одлучи кои од нив може да ги поднесе, во замена за стабилно расположение.
Лекот што во моментов го користам ми го намалува крвниот притисок. Наутро морам полека да станувам, а ми се врти и секојпат кога ќе дигнам од столчето. Исто така, се здебелив неколку килограми. Меѓутоа, наградата од друга страна е голема. Функционирам како човечко суштество, чувствувам, комуницирам, работам, љубам и ги правам сите останати нешта, како и другите хемиски врамнотежени личности.“
„Не знам каде би била денес без нив.“
„Севкупно, моето искуство со антидепресивите е позитивно. Се одлучив за нив кога ми беше дијагностицирана анксиозност на возраст од 17 години. Се борев со секојдневниот живот.
Не сакав да излегувам од дома, ниту да одам на училиште. Немав самодоверба. Ме упатија кај школскиот психолог, ама тој не знаеше да ми помогне. Потоа, решив да земам лекови. Од несаканите дејства, имам вртоглавици и повремени главоболки, но неодамна ми ја смалија дозата.
Сметам дека антидепресивите се стигматизирани, бидејќи луѓето не се доволно свесни колку тие може да помогнат. Некои се уверени дека антидепресивите ќе ги претворат во зомби, а и називот „апчиња за среќа“ што им се дава, повеќе е од штета, отколку корист. Често се прашувам што би било денес со мене да ги немаше антидепресивите.“
„Бев суицидална кога не земав антидепресиви.“
„Почнав да пијам антидепресиви кога имав 15 години. По акутната депресивна епизода, принудена бев да го напуштам училиштето. Година дена подоцна, пак, дијагностицирано ми беше биполарно растројство.
Бев хоспитализирана и тогаш ми препишаа стабилизатори на расположението. Загрижена бев поради дел од несаканите ефекти, но позитивните дејства што апчињата ги имаа на мојот ум, односно хемискиот баланс во мозокот, натежнаа над негативностите. Низ годините се лекував со различни антидепресиви, вклучувајќи флуоксетин, дулоксетин и сега сертралин.
Продолжив и со психодинамска терапија, а се обидов и со когнитивно-бихејвиорална терапија, уметничка терапија и медитација. Сè на сè, земам антидепресиви скоро 14 години и тие ми помагаат.
Склона сум кон депресија и хемијата во мозокот ми е променлива, па антидепресивите ми помагаат да бидам стабилна и функционална. За мене е особено важно да го земам лекот, бидејќи имам самоубиствени тенденции поради депресијата.“
„Веќе немам претерани грижи за сè и сешто како порано.“
„Почнав да пијам антидепресиви во мај, минатата година, откако дојдов до точка од која нема враќање. Така си мислев тогаш. Плачев секоја вечер и чувствував дека немам излез.
Не се противев на лековите, бидејќи навистина ми требаше помош. Мојот психијатар беше прекрасен. Ми ја менуваше терапијата и изнаоѓаше нови решенија, кога и да ми беше потребно. Првин ми препиша циталопрам, а пред два месеци ме префрли на флуоксетин, бидејќи првите не ми делуваа како што очекував. Новиот лек дефинитивно ми ја намали анксиозноста.
Научив дека прекумерната грижа, со која тешко излегував накрај, ниту ќе ги направи работите подобри, а ни полоши. Сè уште има моменти кога им се враќам на старите навики, но се надевам дека со тек на времето, како и со терапијата, ќе се подобрам и на тој план.
Незгодно ми е да им кажувам на луѓе што не ми се блиски дека земам антидепресиви, бидејќи не сакам да ме гледаат со поинакви очи, ниту да им предизвикам сожалување. Сметам дека треба повеќе да говорам за мојата состојба и за антидепресивите. Се надевам дека така и ќе биде во иднина, затоа што и личностите со ментални болести се дел од општеството.“
„Со тешки маки се одлучив за антидепресиви.“
„Имав хронична депресија од 16 години. Долго време се справував со своето „лошо расположение“. Во еден момент, едноставно не можев повеќе, па побарав помош.
Три години пробував различни методи, вклучувајќи и когнитивно-бихејвиорална терапија. Се противев на земањето антидепресиви, сѐ додека докторката не ми рече: „Да имаш дијабетес, би го одбила ли и инсулинот? “. Почнав да ги пијам апчињата и ми беше многу подобро, бидејќи со депресијата, дури и миењето заби е голем предизвик.
Антидепресивите не ми го прават животот полесен или без стрес, но дефинитивно е поподнослив и чувствувам дека можам да се носам со него. И, можам да кажам дека по само шест месеци, секојдневието ми стана многу, многу подобро.“
Мислење на психијатар:
„Кога на пациенти ќе им се каже дека поради дијабетес или холестерол им е потребен одреден лек, поголемиот дел од луѓето само ќе кимнат со главата, па до крај на животот ќе го земаат. Без приговори.
Меѓутоа, кога некому ќе кажете дека има нарушување на расположението или психоза, како и дека постои лек со кој би му било подобро, тогаш настанува проблем. Денес има цела низа антидепресиви, коишто делуваат на истиот невротрансмитерски систем. Се разликуваат само малку во молекулите, а докторот може да ја прилагоди терапијата на секој пациент поединечно, врз основа на нивното дејство на болеста и на несаканите ефекти.
Затоа е и добро што има повеќе лекови, бидејќи може да се прилагодуваат, зависно од потребите на пациентот. Не секогаш се пронаоѓа вистинскиот антидепресив од првиот обид, па неретко е нужно да се испробаат неколку различни.
Антидепресивите имаат тридимензионална структура. Тоа е како клучот и бравата. Постои еден кој може да влезе, додека други не можат.“
М. А. | Црнобело