Зошто е добро да имате мало собно растение на вашето биро?
Внесување на мал дел од природата на вашето работно место е еден од најдобрите начини да го намалите стресот, но и да ја зголемите продуктивноста.
Секако, тоа не значи дека треба да направиме мини тропска шума на бирото, но една мала украсна саксија со зелено растение дефинитивно ќе ви го подобри расположението во тек на работното време.
Според истражување на Технолошкиот факултет во Сиднеј, малите собни билки во саксија имаат всушност голема моќ.
Поради процесот на фотосинтеза кој го вршат зелените делови од растението, концентрацијата на токсини во воздухот се намалува дури за 20 проценти.
Со тоа, се намалува и уморот, а особено нападите на кашлање што се чести особено во канцеларии со централна вентилација, поради тоа што во вакви работни простории воздухот може да биде и до пет пати позагаден од надвор.
Кај оние кои работат во канцеларии каде не се отвораат прозорци често се јавуваат вртоглавици, симптоми на астма, главоболки, заслабната циркулација и проблеми со дишните патишта.
Според сè она што веќе знаеме од часовите по биологија, на растението му е потребен јаглероден диоксид за да може да се покрене процесот на фотосинтеза, па така тоа ќе ги користи концентрациите од канцеларискиот воздух за да произведе кислород.
Дополнителен бенефит е тоа што ја регулира и влажноста на воздухот.
Ефикасноста на собните растенија не е толку во произведувањето на кислород, колку што е во отстранувањето на поголем дел од јаглеродниот диоксид.
Научно е докажано дека кога расте концентрацијата на јаглероден диоксид во воздухот, се намалува мозочната активност и продуктивноста, па затоа не двоумете се, туку набавете си растение кое ви се допаѓа и редовно полевајте го - за свое добро.
С. У. | Црнобело