Премногу компир, таблети за контрацепција: Што го крева крвниот притисок, a не сте ни свесни?
Доколку не сте имале никакви проблеми со срцето досега, тогаш веројатно никогаш не сте ни размислувале претерано во каква состојба се наоѓа. Особено ако сте млади, јадете здраво и редовно вежбате.
Меѓутоа, дури и кога може да одговорите потврдно на сѐ од наведеното, и понатаму постои ризик од хипертензија, односно висок крвен притисок.
Дел од причините за покачување на притисокот не се ни малку очигледни, ниту луѓето ги земаат предвид како (по)сериозна опасност.
Ако не се дијагностира, или, пак, не се започне навреме со терапија, високиот крвен притисок може да предизвика таложење на плак во артериите, разни кардиоваскуларни болести, па дури и потенцијални фатални срцеви удари и застој на срцето.
Оттука, доколку мислите дека следните фактори можеби негативно ви влијаат на здравјето на срцето, консултирајте се со доктор околу начините за превенција:
Живеете во бучно соседство
Експонираноста на бучава, сеедно дали на работа, или, пак, кога сте дома, а особено во текот на ноќта, додека се обидувате да спиете, поврзана е со покачниот крвен притисок, открива истражувањето на Occupational & Environmental Medicine, кое го пренесува Women's Health.
Притоа, буката што ја создаваат сообраќајот, соседите или градежните работи, не е единствената причина за појава на хипертензија.
Тука е и недостатокот на сон, кој е од витална важност, па и тоа како му е потребен на организмот, истакнува кардиологот Никол Вајнберг од Saint John's центарот за здравје во Санта Моника.
Имате мала плата
„Тенкиот паричник“ предизвикува незадоволство на мноштво животни полиња, а може да создаде проблеми и со здравјето на срцето, особено кај помладите жени, потврдува истражувањето објавено од The European Journal of Public Health.
Платите се важен фактор во перцепцијата на сопствената добросостојба и вредност кај луѓето, така што недостигот на платежни средства ќе предизвика и недостаток на самодоверба, па стрес, а следствено на тоа и хипертензија, тврди предводникот на истражувањето.
Живеете во загадена средина
Колку повеќе сте изложени на загаден воздух, толку поголеми се шансите дека ќе заболите од хипертензија, дури и ако редовно вежбате и немате други проблеми со здравјето, велат резултатите од трета научна студија.
Вдишувањето загаден воздух води до воспалителни процеси, коишто може да предизвикаат промени во артериите и вените, а проследени се со зголемен ризик од висок крвен притисок, кардиоваскуларни болести и срцеви удари, објаснува д-р Тао Лиу.
Внесувате многу кофеин
Кофеинот е моќен стимуланс, а помага при будењето, концентрацијата, па дури и одењето во тоалет. Сепак, може да предизвика и покачување на крвниот притисок, како и одредени штетни ефекти врз срцето, посочува кардиологот Амбер Кана од Универзитетот UCHealth.
Клучот е во умереноста. Доколку забележите дека срцето забрзано ви работи по внесот на кофеин, една шолја кафе на ден ќе биде сосема доволна.
Пиете апчиња за контрацепција
Жените кои пијат контрацептивни пилули со естроген имаат поголеми шанси за хипертензија и заболувања на срцето, открива истражувањето објавено во American Journal of Physiology. Притоа, колку подолго ги земаат таблетите, толку и шансите се поголеми.
„Колку е поголема дозата на хормони, особено на естроген, толку повеќе е загрозено здравјето на крвните садови.“, тврди Вајнберг. „Тие влијаат на тоа како садовите се стеснуваат и шират, што може да ги направи подложни на пукање, згрутчување на крвта и хипертензија. ", дообјаснува таа.
Ризикот од срцеви заболувања кај жените кои земаат контрацепција и пушат се уште поголеми, па ним им се препорачува поинаков вид на заштита од несакана бременост.
Јадете многу компир
Лоши вести за љубителите на компирчиња – консумирањето на четири или повеќе оброци што вклучуваат компир, сеедно дали е варен, пржен, печен, или, пак, пире, на неделна основа, поврзано е повишен крвен притисок, особено кај жените, обзнанува истражувањето објавено од The BMJ.
Се случува од причина што компирите имаат висок гликемиски индекс, па може да предизвикаат нагол пораст на шеќерот во крвта, како и до хипертензија. Но, не грижете се – не мора сосема да го исфрлите компирот од исхраната. Имено, тој содржи и витамини и растителни влакна.
Само внесувајте го во умерени количини, како би го одржале здравјето на вашето срце.
М. А. | Црнобело