1 од 4 жени има ментални проблеми за време на бременоста
Кога е менталното здравје во прашање, проблемите не настапуваат само кога бебето ќе се роди.
Едно ново истражување на универзитетот King’s College во Лондон покажа дека четвртина од жените страдаат од ментални проблеми за време на бременоста.
Во истражувањето учествувале 545 бремени жени во период од две години. За време на овој период акушерките им поставувале прашања на трудниците за нивното расположение – метод кој се покажал како ефикасен во идентификувањето на проблемите со менталното здравје.
Тие откриле дека 1 од 4 жени има ментални проблеми за време на бременоста.
11% имале депресија, 15% страдале од анксиозност, 2% имале нарушувања во исхраната и 2% имале опсесивно-компулсивно нарушување, а многу од жените имале и комбинација од овие проблеми.
Истражувачите велат дека симптомите кај бремените жени често минуваат незабележано затоа што постои верување дека во бременоста се блеска и дека тие се полни со живот, па не им се обрнува внимание на емоционалната состојба.
„Бременоста е време на многу промени. Жените се соочуваат со проблеми околу идентитетот, анксиозност околу тоа дали ќе бидат добри мајки и понекогаш доаѓа до реактивирање на некои трауми од детството. Жените се ранливи и од физичката промена што им се случува, па нивните ментални проблеми од овој период може долго да траат и да влијаат и на мајката и на детето“, изјави психологот Камила Росан.
Стресот од бременоста води кон промена во нивоата на хормоните како кортизол и адреналин и тоа има влијание и врз развојот на детето. Може во неговиот подоцнежен живот да влијае на неговите академски достигнувања или емоционални врски.
Затоа многу е важно на бремените жени да им се обрне внимание и да им се постават вистинските прашања без осудување. Круцијално е бремените жени со вакви проблеми навремено да разговараат со специјалист.
Ако страдаат во тишина и под притисок да изгледаат пресреќно околу бременоста, проблемот ќе стане многу полош и ќе донесе низа негативни последици.
С. С. | Црнобело