Една третина од двојките се кара околу температурата: На жените им е постудено отколку на мажите
Од мускулна маса и циркулација до женскиот хормон естроген, зошто жените сакаат повисока температура во домот од мажите?
И додека преку ден периодов сонцето сѐ уште не радува, навечер температурите паѓаат и започнуваме со користење на грејни тела.
Дали сте знаеле дека вечната битка околу контролата на термостатот е причина поради која се караат една третина од двојките?
Една неодамнешна студија во Велика Британија, како и една од 2015-та година во Холандија, покажаа дека жените се чувствуваат пријатно на температура од 24-25°C (Целзиусови степени), што е за 2.5°C повисока отколку температурата што им годи на мажите.
Четири од 10 жени тајно ја зголемуваат температурата на термостатот зад грбот на своите партнери.
Иако температурата на телата на мажите и жените е слична, односно околу 37°C, перцепцијата на надворешната температура зависи и од кожата, која кај жените е потенка.
Друго истражување покажа дека просечната температура на рацете на жените кога се изложени на ниски температури е за 3°C пониска од кај мажите. Дури и женскиот хормон естроген е фактор за тоа.
Тој ја намалува циркулацијата на крвта во капиларите на делови од телото како прстите со подзатворање на капиларите кога е студено.
Исто така научниците велат дека на жените им е уште постудено кога овулираат и нивоата на естроген се повисоки од вообичаено.
Интересно е што и метаболизмот на телото има улога. Мажите имаат побрз метаболизам поради повисоката мускулна маса. Нивниот крвен проток е повисок и со тоа им се загрева телото.
С. С. | Црнобело