Мажите кои сакаат чоколада имаат помал ризик од мозочен удар
Редовното конзумирање чоколада може кај мажите да го намали ризикот од мозочен удар, покажа истражување спроведено од шведски научници чии резултати се објавени во списанието Neurology.
Научниците утврдиле врз примерок од 37 илјади мажи кои ги следеле десет години, дека оние што јаделе најмногу чоколада, односно просечно третина филџан чоколадни парчиња, имаат 17 отсто помал ризик од мозочен удар во однос на мажите коишто ја избегнувале чоколадата.
И претходни истражувања покажаа дека ризикот од некои заболувања на срцето и крвните садови се помали кај љубителите на чоколадата.
„Ползата од конзумирање чоколада кај мозочните удари веројатно е поврзана со флавоноидите во чоколадата“, се наведува во објавената студија на раководителката со истражувањето, Сузан Ларсон од Каролинскиот институт во Стокхолм.
Некои од поранешните истражувања упатуваа на можноста дека флавоноидите дејствуваат како антиоксиданси со позитивни ефекти врз крвниот притисок, холесторолот и крвните садови.
Сепак, неврологот Ричард Либман од Кушинговиот институт во Менхасет во американската сојузна држава Њујорк, предупредува дека оваа информација треба да биде земена со резерва, бидејќи теоријата за позитивниот ефект на флавоноидите сѐ уште е само теорија.
31.08.2012 (Макфакс)