Работењето во смени ја зголемува опасноста од инфаркт
Луѓето коишто работат во смени имаат повеќе изгледи да добијат срцев или мозочен удар од оние кои секој ден имаат постојано работно време, покажаа истражувањата чии резултати се објавени во стручниот магазин British Medical Journal.
Истражувањето во коешто учествувале повеќе од два милиона испитаници, покажало дека работата во смени прилично го пореметува животниот биоритам на поединецот и има различни негативни влијанија врз неговиот животен стил.
Тим од научници од Канада и од Норвешка обработил резултати од 34 истражувања. Од 17.359 случаи на разни коронарни заболувања, меѓу кои и срцев удар, 6.598 инфаркти на миокардот и 1,854 мозочни удари се случиле по лошото снабдување на мозокот со кислород кој се пренесува преку крвта, а истражувањата покажале дека овие случаи биле почести кај лицата коишто работеле во смени. Научниците предвид ги имале и општествено-економскиот статус на работниците, нивниот начин на исхрана и општата здравствена состојба.
Канадскиот научник Дан Хејкам смета дека лицата коишто работат во смени имаат повеќе проблеми со квалитетот на сонот, како и со нередовната, односно лоша исхрана.
„Лицата кои работат во вечерните и ноќните смени, немаат прецизно дефиниран период од денот за одмор. Нивниот нервен истем, поточно, е постојано активен, што може да се одрази врз зголеменото ниво на холестеролот во крвта или, пак, дебелината“, смета канадскиот научник.
Џејн Вајт, менаџерка во Институтот за безбедност при работата и здравје, исто така, смета дека вработените коишто работат во смени „може да имаат проблеми со апетитот или варењето на храната, имајќи предвид дека нивниот биоритам од ден во ден е неврамнотежен, а некои од нив земаат лекови за спиење или за смирување, што може да влијае врз нивното однесување, на зголемената можност за несреќи при работата и, на крајот, општо негативно да се одрази на здравствената состојба на поединецот“.
28.07.2012 (Макфакс)