Лоши навики во домот кои треба да престанете да ги правите веднаш
Колку често ги чистите кваките во вашиот дом? А дали ви текнува да го исчистите и далечинскиот управувач? Дали имате навика да ги фрлате влажните пешкири на подот? Кои лоши навики треба уште веднаш да ги отфрлите од вашето секојдневие?
Денес речиси сите го живееме животот со многу брзо темпо, а притоа се чини дека на работните обврски им нема крај.
Сакајќи да заштедиме малку време (а и енергија) понекогаш правиме некои работи кои на некој начин се штетни за нас.
Без разлика дали оставате влажни крпи на подот или го користите истиот сунѓер во кујната премногу долго, погледнете кои навики треба да ги отфрлите и тоа уште веднаш.
Штетни навики од кои треба да се откажете што побргу:
Не ги перете крпите доволно често
По само еден ден користење, крпите може да содржат милиони бактерии. Валканите крпи може да содржат и алергени кои може да предизвикаат алергиски реакции или иритации на кожата.
Затоа, воспоставете си редовна рутина за нивно перење и пред да ги употребите дозволете им целосно да се исушат.
Ја полните батеријата на телефонот на вашиот кревет
Многумина го чуваат телефонот на креветот додека се полни, а неретко и под перниците, додека спијат.
Покрај тоа што ќе си го нарушите спиењето, имајте предвид дека вашиот телефон испушта топлина додека се полни и притоа може брзо да прегрее, а во екстремни случаи дури и да експлодира.
Не ги чистите редовно кваките на вратите
Кога го чистите домот, многу лесно може да заборавите на кваките. Тие се користат постојано и ги допира секој член од семејството (а и надворешни лица), па штетните микроби може да се задржат на оваа површина, пренесувајќи се од едно на друго лице.
Затоа, имајте навика да ги дезинфицирате кваките.
Користите само една штица за сечење храна
Ако користите само една штица за сечкање, иста за зеленчук и риба или месо, имате висок ризик од ширење на бактерии од сурови производи и контаминирање на остатокот од храната.
Затоа, користете различни штици и темелно исчистете ги после секоја употреба.
Влегувате во домот со валкани чевли
Дури и ако чевлите не ви се видливо валкани, тие се преполни со бактерии собрани од надвор. Имајте навика да ги оставате чевлите пред врата или во ходник, ако е одвоен од другиот дел од домот.
Сунѓерот во кујната го користите премногу долго
Микробиолозите велат дека просечниот кујнски сунѓер има повеќе бактерии од кој било друг предмет во повеќето домови. Идеално, треба да го менувате сунѓерот околу еднаш неделно.