Голема кашлица: Колку е опасна за деца и возрасни и како да се заштитите?
Таканаречената голема кашлица е респираторна инфекција која најчесто се јавува кај бебиња кои сè уште не се вакцинирани. Бидејќи може да предизвика други компликации дури и кај возрасни, добро е да бидете свесни за симптомите за да знаете кога треба да одите на лекар.
Деновиве во регионот се актуелни неколкуте случаи со таканаречената голема кашлица. Случаи беа забележани во Србија, Хрватска, но и во Македонија, па јавноста почна да се прашува дали можеби станува збор за епидемија.
Но, што точно претставува оваа болест, колку е опасна и можете ли да се заштитите?
Што е голема кашлица?
Големата кашлица, позната и како пертусис, е заразна респираторна инфекција проследена со многу кашлање.
Пред развојот на вакцината, големата кашлица се сметала за сериозно детско заболување.
Денес, пак, болеста најчесто се јавува кај дечиња кои уште не добиле целосна имунизација преку вакцини, но може да се јави и кај тинејџери и возрасни кај кои ефектот на имунизација ослабел.
Добрите вести се дека денес смртните случаи од голема кашлица се многу ретки. Но, бидејќи повеќето компликации настануваат кај бебиња, важно е тие да бидат добро заштитени.
Големата кашлица е предизвикана од бактерија позната како Bordetella pertussis која се пренесува преку кашлање или кивање.
Кои се симптомите?
По заразата, потребни се околу 10 дена за да почнат да се појавуваат првите симптоми.
Кај некои пациенти, симптомите може да почнат да се појавуваат и малку подоцна.
Првите симптоми наликуваат на настинка:
- Течење на носот
- Затнат нос
- Црвени и насолзени очи
- Треска
- Кашлица
По недела-две, симптомите можат да се влошат и почнува да се јавува многу силна кашлица.
Претераното кашлање, пак, може да предизвика низа други симптоми како:
- Повраќање
- Црвено или посинето лице
- Екстремен замор
Важно е да знаете дека кај некои луѓе сепак не се развива интензивна кашлица, и покрај името на болеста. Односно, може да се јави често кашлање, но не интензивно како што е специфично за болеста.
Кај бебињата може воопшто да не се јави кашлица, туку проблеми со дишењето.