Како да препознаете дали вашето дете има крупни сипаници и како да му помогнете?
Колку дена децата што имаат сипаници се заразни и како можете да му помогнете на детето да не се чеша? Смеете ли да го бањате и каква храна можете да му давате? Што треба да знаете доколку се грижите за дете што заболело од големи сипаници?
Крупните сипаници или овчи сипаници се едно од најчестите заболувања од кои страдаат децата од 2 до 8-годишна возраст.
Болеста често се пренесува во детските институции, градинки, училишта, детски одделенија во болници, а станува збор за мошне заразна болест што се шири мошне брзо.
Болеста е предизвикана од вирусот varicella-zoster, а се пренесува преку орално-капков пад (односно допир со предмети што биле во контакт со устата на заболен или при контакт со воздухот во кој има секрет од искашлување на заболен), но и со контакт со кожата на болниот.
Се смета дека шансите за заболување кај лицата што не го прележале вирусот по контакт со заболено лице се околу 90 отсто.
Периодот на инкубација на вирусот трае од 10 до 12 дена и во овој период лицето што е заболено со вирусот е заразно и ја пренесува болеста.
Кај помалите деца првиот симптом што укажува на тоа дека заболеле од крупни сипаници е осипот по телото, а кај поголемите ден-два пред исфрлањето може да се забележи малаксаност, чувство на жештина, главоболка, болка во зглобовите и мускулите.
Како да го препознаете осипот?
Осипот од големи сипаници е карактеристичен по тоа што прво се формираат црвени точки (макули), што потоа прераснуваат во плускавци (папули и везикули), исполнети со течност (ескудат).
Осипот најпрво се појавува по трупот, па на вратот, во делот на главата под косата и на лицето, а може да се појави и на јазикот, но и на интимните делови. Истиот се јавува во бранови, а кај некои деца може да биде пообилен, додека кај други пооскуден.
Додека трае исфрлањето, кај децата најчесто се јавува покачена телесна температура и овие симптоми може да траат неколку денови.
Откако ќе се исцеди течноста од плускавците, по телото почнуваат да се формираат красти, што почнуваат сами да се сушат и да отпаѓаат и притоа останува само лесна депигментација на кожата, без лузни.
Но, при насилно корнење и чешање на крастите може да дојде до појава на лузни.
Вообичаено, потребно е да поминат 2-3 дена од излегувањето на осипот, до неговото преминување во краста.
Детето е заразно една недела пред да се појави осипот и сѐ додека не се исушат сите красти на телото, а тоа е околу 6-10 дена по појавувањето.
Вообичаено лекарот ќе го прегледа детето и ќе ви каже дали веќе може или не може да се врати во градинка или на настава.