Која е разликата помеѓу алергија на млеко и интолеранција на лактоза?
Што е интолеранција на лактоза?
Кога станува збор за интолеранција на лактоза, главниот „виновник“ е дигестивниот систем.
Во овој случај, во цревата не се лачи доволно од дигестивниот ензим кој ја разградува лактозата.
Што значи, кога ќе се консумираат млечни производи, дигестивниот систем не може да ја свари лактозата, па се јавуваат симптомите.
Кои се симптомите на интолеранција на лактоза?
Симптомите можат да се разликуваат од личност до личност и најчесто почнуваат околу 30 минути до два часа по консумирање храна или пијалаци со лактоза.
Дел од најчестите симптоми вклучуваат:
- Подуеност и грчеви во стомакот
- Гадење
- Гасови
- Дијареја
Зошто се јавува интолеранција на лактоза?
Интолеранцијата на лактоза може да се јави и кај деца и кај возрасни, и тоа од различни причини.
Интолеранцијата на лактоза неретко е наследна. Во овие случаи, постепено се намалува лачењето на потребниот ензим, па симптомите почнуваат да се јавуваат во тинејџерските години, па и подоцна.
Лачењето на ензимот може да се намали или запре и по повреда, болест или некаква инфекција.
Некои предвремено родени бебиња можат да имаат интолеранција на лактоза, но во повеќето случаи ова е краткотраен проблем.
Во многу ретки случаи, луѓето се раѓаат со дигестивен систем кој воопшто не го лачи потребниот ензим.
Кога да одите на лекар и дали постои лек?
Ако забележите некој од наведените симптоми кога консумирате млечни производи, добро би било да се консултирате со лекар.
Само тој може да утврди дали навистина имате интолеранција на лактоза или станува збор за некој друг проблем.
За жал, не постои лек за овој проблем, но со промени во исхраната, ќе можете да ги контролирате симптомите.
Добрите вести се дека интолеранцијата на лактоза не е опасна по живот и во некои случаи не значи дека мора целосно да се откажете од млечни производи.
Што можете да јадете ако имате интолеранција на лактоза?
Најпрво слушајте ги препораките на вашиот лекар, но обрнете внимание и на симптомите на вашето тело.
Пробувајте разни млечни производи, но во мали количества, и можно е да најдете продукти кои немаат лошо влијание врз вашиот дигестивен систем.
Комбинирајте ги млечните производи со други продукти. На пример, не пијте само чаша млеко, туку комбинирајте со житарици.
Јадете млечни производи со ниско ниво на лактоза, како тврди сирења и јогурт.
Консумирајте продукти без лактоза. Можете и да го замените млекото со растителни млека, како од соја или овес.
Разговарајте со вашиот лекар за апчиња кои го содржат потребниот ензим за варење на лактозата.
Спирова С. | Црнобело