„Со години ја мијам косата со јаболков оцет, тоа ме спаси од првутот“
„Мојата коса сега е навистина здрава, бујна и густа, а производството на маснотии е понормално“ - тврди девојката која со години ја мие косата со јаболков оцет. Според нејзините видеа на социјалните мрежи, таа има идеален природен рецепт за да се ослободите од првутот.
Тик-токерката Келси Жиру (27) со години наместо со шампон ја мие косата со јаболков оцет. Таа тврди дека ова е една од најдобрите одлуки што ги направила во однос на својата нега, бидејќи јаболковиот оцет освен што ѝ дава сјај на косата, има и други големи придобивки.
Сите луѓе имаат свои сопствени рутини за нега на косата. Некои не можат без шампон против перут, други ставаат по две различни маски за коса по миењето, трети пак си прават домашни препарати за нега на косата.
Иако во аптеките има многу производи кои помагаат косата да ви изгледа одлично, многумина тврдат дека природните препарати се подобри.
Меѓу оние што имаат ваков став е и Келси Жиру, која промовира здрава исхрана и живот без хемикалии на својот профил на ТикТок.
Келси тврди дека веќе неколку години ја мие косата со мешавина од јаболков оцет и вода и дека косата никогаш не ѝ изгледала подобро, пренесе „Daily Star“.
Жиру вели дека прво ја миела косата со сода бикарбона и јаболков оцет, но дека оваа комбинација не ѝ одговарала. Таа решила да ја исфрли сода бикарбоната, па почнала да се мие само со мешавина од вода и јаболков оцет.
Сега таа тврди дека оваа мешавина ѝ помогнала да се ослободи од првутот.
„Размислував што можам да направам затоа што веќе ја миев косата еднаш неделно, што е многу помалку од нормалата.
Тогаш решив да направам мешавина од една шолја јаболков оцет и една шолја вода.
Го мачкам растворот на темето, тријам и потоа исплакнувам. Не плашете се, кога косата е сува, нема да го почувствувате оцетот“, вели Келси.
Оваа девојка исто така тврди дека миењето на косата на овој начин не ги отстранува природните масла од скалпот.
„Мојата коса сега е навистина здрава, бујна и густа, а производството на маснотии е понормално.
Друга придобивка е што оцетот е многу поевтин од класичниот шампон“, вели таа.
А. Ј. | Црнобело