8 правила кои ќе спречат нозете и стапалата да ви бидат неугледни
Немојте да користите сув камен за стапала и не заборавајте да направите пилинг на кожата пред бричење или депилација.
Ако сте релативно активна личност, тогаш во текот на денот правите барем 6.000 чекори. Дури и поголемиот дел од денот да го минувате во седење, носењето обувки по најмалку осум часа дневно додека сте на работа сепак ги заморува стапалата.
Но и покрај тоа што нозете и стапалата се можеби „најизмачениот“ дел од телото, луѓето обично забораваат на нивната нега или прават грешки кои некогаш можат да предизвикаат и штета.
Кои се правилата за нега на нозе и стапала што не треба да ги игнорирате?
Немојте да користите сув камен за пети
Немојте да го користите каменот за пети без да го навлажните бидејќи можете да си направите рани.
Прво не заборавајте добро да го измиете каменот со топла вода, а потоа навлажнете ги стапалата колку да ја омекнете кожата, па исушете ги со крпа.
Со влажниот камен истругајте ги проблематичните места, но немојте да триете премногу за да не си направите рани. Потоа добро исплакнете ги стапалата и нанесете крем. И, нормално, повторно добро измијте го каменот.
Немојте да се бричите „на суво“
Бричењето „на суво“ може да ви ја иритира кожата, а и на овој начин е многу поголем ризикот да се пресечете.
Секогаш бричете ги нозете со пена, а ако во моментот немате, можете да ставите вода и малку шампон за тело за да направите пена – ова колку-толку ќе ги омекне влакната и кожата и ќе се намалат иритациите.
Бричење во три чекори
Пред да се избричите, добро би било да ја подготвите кожата.
Ефикасен, но и евтин начин за ова е пилингот со кафе. Измешајте малку талог од кафе со маслиново масло и додека се туширајте истријте ги нозете со смесата. Со ова ќе ги отстраните мртвите клетки од кожата.
Се разбира, можете и да си купите пилинг за тело кој го има истиот ефект.
Откако ќе се избричите, нанесете лосион за тело.
Носете удобни чевли
Ако постојано носите тесни и неудобни обувки, не само што ќе ве болат стапалата, туку се зголемува и ризикот од појава на таканаречените калуси.
Калусите изгледаат како тврда, мртва кожа на стапалата и не само што го уништуваат изгледот на стапалата, туку можат да бидат и болни.
Па, почесто носете рамни и удобни обувки, а штиклите и другите тесни чевли оставете ги само за специјални пригоди.
Не ја заборавајте кожата на колената
Можеби сте забележале дека некогаш кожата на колената има потемна боја или е посува од вообичаено, а најчесто ова е бидејќи ја забораваме негата на овој дел до телото.
Кога ќе правите пилинг, добро истријте ја и кожата на колената, а за да го спречите потемнувањето, редовно нанесувајте заштитен крем за сонце во лето и лосион.
За да ги отстраните мртвите клетки можете да ја измиете областа со куркума. Сепак, бидете внимателни и добро исплакнете потоа, бидејќи куркумата остава боја на кожата.
Правилно користење на депилаторот
Слично како кај бричењето, и пред користењето депилатор треба да направите пилинг на кожата.
Додека се депилирате, држете го депилаторот под прав агол во однос на кожата и движете го во насока на растењето на влакната. За подобри резултати, со едната рака држете ја кожата малку растегната.
Избегнувајте синтетика по депилација
Без разлика дали сте биле во салон или сте се депилирале сами, по овој третман кожата е почувствителна.
Затоа барем еден ден по депилација избегнувајте синтетичка облека и носете природни материјали, како памук.
Ако имате калуси, отстранувајте ги кај лекар
Сосема во ред е да одите на педикир ако на стапалата имате само сува кожа што може да се отстрани со турпија, камен или нешто слично.
Но, ако имате калуси на стапалата подобро е да одите кај медицинско лице. Лекарот не само што ќе ви ги отстрани, туку ќе ја најде и причината за нивната појава со што ќе ви помогне да најдете долготрајно решение за проблемот.
Спирова С. | Црнобело