Како да си направите професионален педикир во домашни услови?
Топлите денови се веќе овде, а тоа значи дека е време да обрнеме внимание на нашите стапала. Наједноставното нешто во овој случај е да одите во салон.
Нo, ако не сте во можност да посетите салон поради каква било причина, секогаш можете да си направите професионален педикир во вашиот дом. А, со ова не само што ќе ги средите стапалата, туку и вистински ќе се релаксирате.
Погледнете како сами да си направите професионален педикир:
Што ви е потребно за педикир во домашни услови?
- Крпа
- Када или голема кофа во која ви ги собира стапалата
- 1 лажица (ако користите кофа) или 1 шолја (ако користите када) горка сол или сол за купка
- 2-3 капки етерично масло по ваш избор
- Турпија за стапала
- Крем за стапала (можете да искористите и масло за тело или вазелин)
- Масло за кутикули
- Прибор за нокти, како грицкалка, турпија, ножички за кутикули
- Средство за отстранување лак
- Памук
- Лак основа за нокти и лак во боја по ваша желба
Прв чекор
Бидејќи ова е време само за вас, направете си ја атмосферата што е можно попријатна, за вистински да се релаксирате. Запалете ароматична свеќа, пуштете музика или направете што било што знаете дека ќе ви делува релаксирачки.
Втор чекор
Ако ноктите на стапалата ви се лакирани, најпрво отстранете го лакот од нив, што е можно подобро. За најефикасно отстранување, натопете го памукот со ацетон или друго средство за отстранување лак, држете го на ноктот неколку секунди, па потоа избришете.
Трет чекор
Наполнете ја кофата или кадата со топла вода и додајте ги солта и етеричното масло.
Горката сол ќе ви помогне да ги освежите стапалата и темелно да ги исчистите. Ако се двоумите за етеричното масло, маслото од зелен чај има добри антисептички својства, маслото од камилица може да ги намали воспаленијата, а маслото од еукалиптус е добро за намалување на болките во стапалата.
Потоа киснете ги стапалата во купката 20-тина минути.
Четврти чекор
Сега грубата кожа на стапалата е доволно мека за лесно да ја отстраните со турпија за стапала. Најмногу фокусирајте се на петите, каде што кожата е најгруба. Внимавајте да не триете премногу, бидејќи можете да си направите рани.
Откако ќе завршите, нанесете крем за стапала, масло за тело или вазелин, па почекајте неколку минути да се впие.
Петти чекор
Сега е ред да ги средите ноктите. Исечете ги и обликувајте ги со турпија. Можете и внимателно да ги исечете кутикулите со ножички, но ако не сте сигурни во ова, подобро нежно „истуркајте“ ги до крајот на ноктот. Потоа нанесете од маслото за кутикули.
Шести чекор
Ако досега не сте користеле основа за лак за нокти, сега вреди да му дадете шанса. Основата ќе ги потхрани ноктите и ќе ги заштити од лакот. Ако користите темен лак, основата ќе го спречи пожолтувањето на ноктот.
Нанесете ја основата, почекајте да се исуши, па лакирајте ги ноктите со омилената боја. Нанесувајте го лакот внимателно, во тенки слоеви за најдобар изглед. Односно, нанесете еден слој, почекајте неколку минути, па нанесете уште еден. Обично доволно се три вакви слоеви за ноктите да изгледаат беспрекорно.
Откако ќе се исуши лакот уште еднаш нанесете од кремот за стапала и вашиот педикир е готов.
Спирова С. | Црнобело