Зошто не треба да го контурирате лицето?
Последните неколку години, шминкањето доживеа вистински бум, од популаризација на самата професија, па сè до претераното нагласување на можностите за трансформација на лицето.
Инстаграм филтерите, модните блогерки и целиот „клан“ обожаватели на Ким Кардашијан, доведоа до губење на чувство за реалноста кога е шминката во прашање.
Шминката првенствено служи за сокривање и коригирање на малите неправилности, односно нагласување на она што е убаво и ви се допаѓа на лицето.
За жал, многу лесно може да се претера со наносите од шминка, занeмарувајќи го притоа правилото дека истата треба да биде прилагодена на приликата.
Забораваме и дека на ѕвездите од црвениот килим им е составен дел од работата да изгледаат спектакуларно добро, но и на фактот дека за таквите пригоди тие не се средуваат сами.
Зошто контурирањето не препорачливо како дел од секојдневната рутина? Одговорот го даде визажистката Петра Север, наведувајќи неколку причини:
1. Го уништувате здравјето на својата кожа
Секојдневното нанесување преголема количина на шминка доведува до затворање на порите, акни и бактериски инфекции. Шминката, која би требало да ги сокрие недостатоците, на крајот станува причина за користење сè повеќе и повеќе производи, а корисничките дел од магичен круг кој нема крај. Ако се прашувате зошто кожата ви е безживотна и сува, одговорот лежи во неброените слоеви коректор и мрсни пигменти кои се фиксирани со преголема количина на пудра во прав. Резултатот е уништена кожа која изгледа дехидрирано и „згрутчено“.
2. Изгледате постаро
Контурирањето не е нешто што би требало да го правите секое утро пред одење на работа. Покрај тоа што ја продолжувате рутината за убавина и непотребно губите време, мошне често резултатот е уморен, неуреден и остарен изглед на лицето и кожата. Ќе изгледате многу поодморени и посвежи доколку нанесете малку обоена крема и руменило, а за природен ефект доволно е да користите хајлајтер и бронзер во тенок слој, што имитира сенка, наместо непотребните слоеви кои ја гушат кожата и изгледаат како маска.
3. Не ги контролирате светлосните услови дење
Контурирањето е игра на светла и сенки, преземена од сликарската техника „Chiaroscuro“ (светло-темно), при што светлината постепено преминува во сенка, а со намера да се создаде тридимензионална илузија и волумен. Според тоа, контурирањето е соодветно единствено во контролирани светлосни услови, додека за дневна варијанта на шминка, многу подобар избор се минималните контрасти во сенките, кои нема да изгледаат како недефинирани дамки или флеки на лицето.
4. Трансформациите функционираат исклучиво на сцена, пред камера или на фотографија
Моќта на професионалната шминка (во која спаѓа и контуририрањето) најмногу доаѓа до израз во трансформациите за сценски настап, модните едиторијали или на филмското платно, а не во секојдневието. Сепак, дури ни во тие категории, шминката не е таа која сама по себе е заслужна за финалниот изглед. Облеката, периките и фризурите, осветлувањето, константните корекции, а на самиот крај и дигиталната обработка и дополнителните ефекти, се подеднакво важни за крајниот исход.
За крај, тајната на добрата шминка е да знаете кога да престанете, односно да имате мера, без оглед на тоа дали станува збор за контрастите, слоевите или количината на производи за убавина.
Вистина е дека со контурирање можете да го намалите носот, да ги подигнете образите, или да постигнете вашето лице да изгледа поовално и послабо.
Сепак, најдобро е тоа да го оставите за посебни прилики, кога ќе се препуштите на професионалец, или, пак, кога ќе имате доволно слободно време за уредно да ги нанесете и изблендирате козметичките производи.
М. А. | Црнобело