Свадбен фотограф споделува најуникатните идеи и совети за свадба – не мора да има торта, не следете слепо традиции
Пречекајте ги гостите на забавен начин, заменете ја свадбената торта со омилениот десерт и направете прослава што најдобро ве отсликува вас и партнерот.
Камерон Девер е фотограф чија специјалност се венчавките. На бројните венчавки што ги фотографирала, таа видела сè и сешто, вклучувајќи и навистина уникатни идеи за разни детали од свадбата.
За Insider таа ги споделува најдобрите идеи што ги видела досега:
Момент насамо за младоженците по церемонијата
Камерон вели дека неколкупати видела парови кои веднаш по церемонијата за венчање се тргале настрана за да бидат насамо.
Ова им дава можност да го „впијат“ големиот миг кој само што се случил и да си поразговараат пред да продолжат со прославата со гости.
Можете да ја замените тортата со нешто друго
Камерон посетила многу венчавки каде што наместо свадбена торта, имало други десерти – јагоди со чоколадо, сладолед, вафли, колачиња, банани со чоколадо, мафини...
Инспирирана од оваа идеја, за својата венчавка Камерон ја заменила свадбената торта со колачиња со цимет.
Пречекување на гостите на забавен начин
Наместо вообичаеното поздравување, можете да ги пречекате гостите на забавен начин.
На пример, можете да поставите тетратка во која секој гостин ќе ви остава кратка порака откако ќе влезе внатре. Или, наместо да позирате „сериозно“, правете забавна фотографија со секој гостин.
Кодекс за облекување за гостите
На многу венчавки Камерон забележала дека младоженците им доставиле кодекс за облекување на гостите.
На пример, им нагласиле сите да носат одредена боја или одредено парче облека.
Камерон вели дека благодарение на ова, свадбените фотографии изгледале многу подобро.
Бидете свои
Камерон е убедена дека најсреќните парови се венчаат со церемонија и прослава што ги претставува нив двајцата.
Односно, наместо да следите правила и традиции кои не ви значат, направете го она што најдобро го отсликува вашиот и карактерот на партнерот.
Забрана за смартфони
Камерон забележала дека неретко гостите кои сакаат да фотографираат со смартфонот ги уништуваат фотографиите што ги прави таа.
На пример, додека младоженците танцуваат и таа пробувала да ги фотографира, секогаш се подавал и некој со смартфон кој на крај завршувал во кадарот на фотографијата.
Поради ова, таа смета дека е во ред да ги замолите гостите да не фотографираат со нивните телефони, или барем да му остават повеќе простор на фотографот.
Свадбените видеа се секогаш забавни
Камерон советува да најдете добар снимател кој ќе може да ги улови малите, но значајни моменти на венчавката и да ги склопи во краток филм.
Фотоапарати за една употреба на секоја маса
Овие фотоапарати работат со филм, а со еден филм можат да се направат 30-тина фотографии.
Камерон советува да оставите по еден ваков фотоапарат на секоја маса и да ги замолите гостите да фотографираат што сакаат.
На крај ќе имате забавен албум кој ја прикажува вашата венчавка од многу перспективи.
Спирова С. | Црнобело