Волшебна свадбена фотосесија – пар позира покрај активен вулкан во Исланд
„Целото искуство беше спектакуларно. Како што се доближивме, лавата почна да излегува, а глетката нема да ја заборавам никогаш“ – вели фотографот кој направил магична фотосесија за пар кој храбро позирал покрај вулкан во венчаница и одело.
Гејб Меклинток цели 18 години работи како свадбен фотограф, а неретко е нарекуван најдобар во својата професија, и тоа со добра причина.
За разлика од свадбените фотографии кои обично наликуваат едни на други, Гејб ги фотографира вљубените парови на необични места, а резултатот се бајковити фотки кои нема да ве остават рамнодушни.
Од бројните свадбени фотосесии на Гејб, можеби најмногу се истакнува една од септември минатата година – тој го фотографирал вљубениот пар во Исланд пред вулкан што еруптира.
Невестата Нина ја носи нејзината венчаница, а момчето Ранд - неговиот свадбен костум и кадрите пред активниот вулкан изгледаат надреално.
„Целото искуство беше спектакуларно. Прво се искачивме на ридот и можевме да го видиме црвеното небо и да го почувствуваме топлиот воздух пред да ја видиме самата лава. Како што се доближивме, лавата почна да излегува, а глетката нема да ја заборавам никогаш“, вели Гејб за уникатната фотосесија.
Покрај кадрите пред вулканот, Гејб направил уште неколку фотки од парот на плажа и пред водопад кои изгледаат исто волшебно.
Гејб има фотографирано парови на бројни атрактивни дестинации и вели дека има уште многу места на коишто досега немал можност да направи фотосесија.