Откријте ги скриените значења на свадбените бои
Секоја боја има свое скриено значење и праќа одредена порака, а доколку не го знаете значењето на свадбените бои тогаш време е да го дознаете...
Ако сѐ уште ги немате одбрано боите за вашата свадбена церемонија, тогаш можеби токму нивните скриени значења ќе ви помогнат при изборот:
Бела боја
Најзастапената боја на свадбите е токму белата, а таа се поврзува со чистина, светлина и вера. Во некои култури белата ги симболизира новите почетоци.
Розова боја
После белата, розовата боја е најзастапена на свадбите. Розовата се добива како комбинација меѓу белата и црвената, а се поврзува со страста и чистината. Оваа боја е симбол на сочувството, надежта и безусловната љубов што ја прави идеална за свадби.
Сина боја
Оваа боја има различни значења кои се од религиозно потекло. Таа во христијанството означува доблест, во јудаизмот се смета за света боја и боја на божества. Во Кина, сината боја симболизира бесмртност, а во Франција таа е кралска боја.
Виолетова боја
Иако виолетовата често можете да ја видите на венчавките, сепак во некои култури таа е боја која е симбол на тагата и жалоста. Во Јапонија виолетовата е боја на моќта, а во Египет ја симболизира верата.
Жолта боја
Бојата на сонцето се поврзува со среќата и таа го стимулира чувството на веселба и позитивната енергија. За Индијанците, жолтата претставува љубов, а во хиндуизмот се смета за света боја која е симбол на знаењето и стабилноста.
Црвена боја
Во кинеската култура црвената е најпопуларна боја која се користи на венчавки и таа симболизира среќа. Според традиционалните верување, носењето на црвена боја на денот на венчавката на младите ќе им донесе среќен брак. Во западните култури црвената е симбол на страст.