„Го изгубив бебето во 22-рата недела од бременоста - работи кои посакувам некој да ми ги кажеше тогаш“
„Ќе се прашуваш дали беше твоја вина. Или на партнерот, или на докторот, или на медицинската сестра, или на твојот шеф – буквално на сите. Ќе бараш вина во сите, но во следниот миг ќе сфатиш дека нема кого да обвиниш и дека мора да ја прифатиш реалноста. Но, нормално е да се обидеш да бараш виновник. Еден ден ќе ти помине, но сега слободно исплачи се...“
Кристал Кокс од САД за магазинот Insider отворено проговори за најтешкиот период од нејзиниот живот, односно за мигот кога го изгубила бебето во 22-рата недела од бременоста.
Таа ги открива работите кои посакува некој да можел да ѝ ги каже на неа тогаш:
Во ред е да сакаш да го допреш телото на твоето бебе
Дозволено ти е да ги игнорираш тие што ти велат дека е морбидно да сакаш да го допреш или да го држиш телото на твоето починато бебенце.
Некои болници го дозволуваат тоа и болницата каде што бев јас ми дозволи, но ми кажаа дека ќе ми биде многу вознемирувачко искуство и беа во право – навистина беше тешко да го држам безживотното тело на моето бебе.
Но, благодарна сум за тоа. И покрај нивните совети јас ги погалив неговите ноџиња, плачев над неговата уста од кое тоа никогаш нема да заплака. Ги сликав малите прстиња околу моите и се обидов да ги запомнам сите мали детали.
Твоето сопствено тело ќе те потсетува
Секој пат кога ќе одиш во тоалет да менуваш влошка, секој пат кога ќе посегнеш да дофатиш нешто и ќе успееш затоа што бебето не ти е во стомакот, ќе се потсетиш дека твоето малечко замина засекогаш.
Ќе те потсетува и твојот мозок. Бес, срам, очај, терор. Да, нормално е да го чувствуваш ова на секој половина час или час.
Да се обвинуваш себеси е нормално
Ќе се прашуваш дали беше твоја вина. Или на партнерот, или на докторот, или на медицинската сестра, или на твојот шеф – буквално на сите.
Ќе бараш вина во сите, но во следниот миг ќе сфатиш дека нема кого да обвиниш и дека мора да ја прифатиш реалноста. Но, нормално е да се обидеш да бараш виновник.
Помири се со тагувањето
Ќе имаш прекрасни денови затоа што луѓето што те сакаат ќе ти дадат безрезервна поддршка, но облачните денови ќе се враќаат во твојот живот и тоа е во ред. Не труди се секој ден да ти биде сончев, дозволи си да тагуваш.
Ништо на светот повеќе нема да ти биде важно. Храната можеби ќе изгуби вкус. Може да заборавиш да дишеш.
Но, не се притискај да избрзаш и да продолжиш понатаму. Можеби ќе мислиш дека мора да се вратиш на работа и на нормалното темпо на живот и на грижата за другите деца, ако ги имаш, но сосема во ред е некогаш да се склопчиш во креветот и да плачеш.
Еден ден ќе ти помине, но сега слободно исплачи се.
Мислев дека мојата тага никогаш нема да помине, но почна да поминува кога престанав на сила да се притискам да се однесувам како ништо да не било и кога загубата ја прифатив како дел од новата јас.
Никогаш не поминува комплетно и можно е некогаш ненадејно да се расплакаш, но и тоа е во ред.
И твојот партнер изгубил дете, исто така
Болката на твојот партнер ќе биде поинаква од твојата, но очекувај да биде подеднакво уништувачка. Нивната врска не беше физичка. Тој нема да мисли на тоа секој пат кога оди во тоалет, но можно е да мисли секој пат кога ќе си легне да спие.
Сите ќе бидат загрижени за тебе, но запомни дека и твојот партнер загубил дете, иако не го носел во телото.
Дозволено ти е да зборуваш за тоа
Луѓето околу тебе ќе сакаат да продолжиш понатаму затоа што ги боли да гледаат како страдаш. Може и да им биде незгодно кога зборуваш за загубата, но тоа не е твоја вина и не можеш да го контролираш.
Ако ти е некомфорно да зборуваш со нив, тогаш обрати се кај психолог. Можеби дури и заедно со партнерот.
Мислењето на глас, односно зборувањето, е еден од најважните чекори.
Во ред е да зборуваш во име на твоето изгубено бебе.
С. С. | Црнобело