Кои се предностите на живеење со родителите на 30-годишна возраст – за или против?
Ако живеете со родителите по 30-тата година, осигурајте се дека ќе имате приход и ќе ги делите трошоците, но и дека ќе помагате со домашните обврски.
Од децата се очекува да го напуштат домот на родителите штом завршат со школување и да пробаат самите да се снајдат во светот.
Нормално, родителите се секогаш овде да помогнат, но генерално во 20-тите години од животот скоро сите се иселуваат од домот на родителите.
Но што ако живеете со родителите и на 30-годишна возраст?
Поради зголемените трошоци за живот или некаков сплет на околности, многу луѓе на 30-годишна возраст одлучуваат да живеат со нивните родители.
Во овој случај не зборуваме за маж и жена кои живеат со свекорот и свекрвата (нешто што е честа појава кај нас), туку возрасни кои се сингл или не се во брак.
Ако сте во ваква ситуација, нема ништо лошо во тоа, но сепак мора да обрнете внимание на некои работи за и вие и родителите да бидете среќни.
Кои се предностите?
Најголемата предност од оваа животна ситуација се помалите трошоци. Голема е веројатноста родителите да имаат нивен дом, па со возрасното дете треба да ги делат само трошоците за струја, парно и слично. Ова им дава можност на децата да заштедат нешто.
Друга предност е грижата за домот – повеќе луѓе ќе бидат одговорни за домашните обврски, па целиот товар нема да биде само на една личност.
Сето ова, пак, може да значи повеќе слободно време за дообразување, патувања, хобија…
Уште подобро е што истражувањата покажуваат дека возрасните кои живеат со нивните родители имаат многу подобар однос со нив.
Бидејќи секојдневно ќе ги гледате родителите, ќе можете да минуваат повеќе време со нив, ќе можете да им помагате за многу нешта, а и секогаш ќе имате друштво.
А, добриот однос со родителите може да го намали негативното влијание на стресот и да ве направи посреќни.
На што морате да обрнете внимание?
Најпрво, осигурајте се дека нема да живеете на грбот на родителите. Веќе сте возрасна личност и треба да заработувате сами, па еден од најважните услови е да бидете вработени, односно да имате приход.
Притоа, не очекувајте родителите да ги покриваат сите трошоци. Бидејќи го делите домот, треба да ги делите и трошоците.
Осигурете се дека и вие ќе плаќате дел од месечните сметки и направете договор за другите трошоци како, на пример, дали ќе ја делите и храната.
Многу важно е да поставите и здрави граници во односот со родителите. Односно, тие треба да сфатат дека иако сте им дете, вие сте возрасна личност и треба да ве третираат така.
Важно е тие да ја почитуваат вашата приватност, но и вие нивната. Родителите треба да сфатат дека вие си имате свој живот и не треба да очекуваат да им ги исполнувате сите желби, а важи и обратното.
Веќе ги спомнавме домашните обврски – морате и вие да преземете дел од одговорноста. Ако не знаете да готвите, тогаш сигурно можете да ги измиете садовите или да го исчистите подот. Разговарајте со родителите и поделете ги обврските низ домот како што ви одговара на сите.
И, на крај, продолжете си со животот како и вообичаено. Ако сте живееле одделени од родителите и поради сплет на околности се враќате во нивниот дом, почитувајте и правилата што ги спомнавме, но и продолжете си со вашите секојдневни рутини – продолжете да одите на работа, продолжете со вежбање, продолжете да се дружите со пријателите…
Живеењето со родителите може да биде добро и на 30-годишна возраст, сè додека постои меѓусебно почитување и се земаат предвид потребите на сите.
Спирова С. | Црнобело