Не им читајте пораки и уште 5 совети како да го подобрите односот со децата-адолесцентни
Адолесценцијата е еден од најпроблематичните периоди од животот – само сетете се како сте се чувствувале вие и што сè ви се случувало на оваа возраст.
Поради многуте промени кои се случуваат во краток период, адолесцентите неретко се збунети, а сето ова може да има влијание и врз нивното однесување.
Ако сте родител на адолесцент, важно е да знаете дека на оваа возраст сте му мошне потребни на вашето дете. Но бидејќи периодов претставува предизвик и за родителите, добро би било да знаете што да очекувате и што можете да направите.
Па, погледнете како да се справите со детето адолесцент и како да му помогнете низ овој необичен период:
Пробајте да ја разберете причината за нивното бунтување
Во адолесценцијата мозокот, но и телото и карактерот на личноста претрпуваат големи проблеми, а сето ова може да има влијание врз однесувањето. Па, немојте да бидете изненадени ако вашиот адолесцент одеднаш стане поизбувлив или побунтовен.
На оваа возраст децата сакаат поголема независност, почнуваат да го градат нивниот идентитет и нормално е одвреме-навреме да ги кршат правилата и да се бунтуваат.
Кога ќе сфатите дека некогаш лошото однесување на вашето дете е поради неговиот развој, а не поради вас, многу полесно ќе се справите со предизвиците.
Разговарајте и за непријатни теми
Како што напоменавме, на оваа возраст вашето дете се соочува со многу промени – и физички и психички – и добро би било да разговарате за нив.
Разговарајте за промените со коишто ќе се соочи вашето дете, разговарајте за пубертет, менструација, партнери, секс… Многу подобро е вие да му ги дадете потребните информации на вашето дете, отколку самото да учи за овие огромни животни промени.
Одбирајте ги битките
Кога се соочувате со гневен адолесцент, добро размислете дали треба да го искарате, или да му попуштите.
Ако забележите дека вашето дете „застранува“ и сте сериозно загрижени за него, тогаш дефинитивно разговарајте, па дури и искарајте го. Но ако станува збор за мали пропусти кои се резултат на неговиот развој, размислете дали вреди да го прекорувате и казнувате.
Бидете реалистични со очекувањата
Почитувајте ги желбите на вашето дете и немојте да му ги наметнувате вашите неостварени соништа. Бидете реалистични со она што го очекувате од него.
Ако вашето дете воопшто не го интересира математика, не го терајте да стане инженер. Ако детето не е заинтересирано за странски јазици, не го притискајте да оди на курсеви само затоа што вие сакате така.
Изградете пријателска врска
На овој начин ќе ја стекнете довербата на вашето дете и тоа ќе знае дека му го мислите најдоброто. Кога ќе се фокусирате на пријателската врска со детето, поголема е веројатноста тоа да ви се доверува вам и од вас да бара совет кога ќе се најде во неповолна ситуација.
Почитувајте ја нивната приватност
Веќе кажавме дека на оваа возраст на децата им е потребна поголема независност, а со тоа и приватност. Освен ако не сте сигурни дека се случува нешто лошо, немојте никогаш да „душкате“ по работите на вашето дете, како проверување пораки, читање лични дневници и слично.
Спирова С. | Црнобело