Најубав „свадбен подарок“: Од гостите барале пари за асистирано оплодување – сега имаат близначиња
42-годишнот Марк и 40-годишната Ники имале само една желба која, за жал, не можеле да си ја исполнат – да станат родители. Па, за нивната венчавка ги замолиле гостите наместо подароци, да им помогнат да соберат пари за асистирано оплодување и сега се горди родители на две близначиња.
Кога Марк и Ники од Англија дознале дека не можат да имаат деца, решиле да пробаат со асистирано оплодување.
Од државата добиле една бесплатна можност за асистирано оплодување, но било безуспешно. Не знаејќи што друго да прават, тие решиле да ги замолат гостите на нивната свадба наместо подароци, да им дадат пари со кои ќе можат да направат уште еден обид. Овојпат, среќата им се насмевнала, па тие станале горди родители на близначиња.
„Веќе имавме дом, со покуќнина, единственото нешто што ни недостасуваше во животот беа деца“, вели Ники.
Кога почнале да размислуваат за тоа наместо подароци, да побараат пари од гостите за асистирано оплодување, и двајцата се двоумеле.
„Не бевме сигурни дали да побараме помош од другите. Не знаевме дали можеби тоа е неучтиво, но луѓето постојано нè прашуваа што сакаме за подарок, а ние сакавме само едно. Тогаш еден пријател напиша поема за поканите за свадба која ни изгледаше како совршениот начин да ги замолиме гостите за пари“.
Ники вели дека гостите не биле обврзани да им дават пари и им го нагласиле тоа.
„Се осигуравме дека никој нема да се чувствува обврзан да ни даде пари, но во случај да се двоумат за подарок, им кажавме дека тоа е најскапоцениот подарок со којшто можат да ни помогнат“.
Кога парот првпат се соочил со проблеми, Ники дознала дека нејзините јајцеводи се блокирани. Ова значи дека би било тешко да зачне природно, но и ако остане бремена, голема е веројатноста да се соочи со вонматерична бременост.
„Се сеќавам колку плачев кога ги слушнав вестите. Тоа беше навистина стресен период, но знаевме дека асистираното оплодување е најбезбедниот начин да се обидеме да станеме родители“.
Истиот период кога почнале да прават планови за деца, Ники и Марк се вериле и почнале да се фокусираат на венчавката. Кога посакале да пробаат уште едно асистирано оплодување, сфатиле дека немаат доволно средства. За една процедура им биле потребни над 5.000 долари.
На нивно големо изненадување, гостите го прифатиле нивниот предлог, а парот вели дека целата свадба, која се одржала во 2013-та, била премногу емотивна.
„Сите присутни знаеја колку ни е важно ова, а тие го направија возможно. На почетокот се плашевме да побараме помош, но сите беа воодушевени од идејата и со задоволство ни помогнаа“, вели Ники.
По медениот месец, Ники и Марк биле и емоционално подготвени за уште еден обид да станат родители.
„Повеќе немавме други пари и се молевме дека овојпат ќе успееме. На крај не ни се веруваше. Сите беа пресреќни за нас. Целата ситуација беше уште поемотивна бидејќи нашите сакани имаа голем удел во сето тоа“.
Во ноември 2014-та Ники и Марк ги добиле близнаците Фреди и Оли. Извесен период дечињата биле во инкубатор, но набрзо потоа биле испратени дома.
Денес Фреди и Оли имаат шест години, а нивните родители не можат да бидат посреќни.
„Нашите мајмунчиња сакаат фудбал и им оди одлично на училиште. Сакаат да бидат на отворено и навиваат за Ливерпул“.
Ники се надева дека нејзината приказна ќе им помогне на другите парови кои се соочуваат со неплодност и ќе ги инспирира да му дадат шанса на асистираното оплодување.
„Ако минувате низ нешто слично, верувајте им на вашите лекари. Осигурете се дека имате поддршка од другите и разговарајте со луѓе во слична ситуација и ќе откриете дека имате многу заеднички нешта. Ние ќе им бидеме вечно благодарни на нашите пријатели и семејство, но и на лекарите“, вели Ники.
Спирова С. | Црнобело