„Имам 34 години, од САД се преселив во Индија и посвоив 11 деца - морав да им помогнам“
„Волонтирав во сиропиталиште во Индија каде очајот и безнадежноста беа толку големи што срцето ви се смрзнува и одлучив дека мора да преземам нешто во врска со тоа“, изјави Кортни.
Кортни Лалотра од Њу Џерси, која има дипломирано моден дизајн, за првпат отпатувала во Индија во 2010 година каде работела како волонтер во сиропиталиште за деца. Била толку трогната од дечињата, што одлучила по секоја цена да се врати таму.
Кога ѝ истекла визата и требала да си замине, жена која работела со Кортни во сиропиталиштето ѝ рекла дека ниту еден волонтер не се вратил таму никогаш повеќе. Но, Кортни си ветила дека таа ќе се врати таму и оттогаш тоа ѝ било мисија.
Таа продала сѐ што поседува, вклучувајќи го и нејзиниот автомобил и собрала околу 12.000 евра, што ѝ било доволно за да изнајми место за живеење за 6 месеци и да си ги обезбеди основните потреби, додека се грижи за децата на кои им е потребна нејзината помош.
Откако се вратила во Индија таа посвоила 11 деца и е мајка и на 5-годишниот биолошки син Ади, кој го добила со 37-годишниот сопруг Јогеш.
Големото семејство живее во Делхи.
„Тоа што ме запрепасти се првите мигови кога се симнав од авионот и ја видов сиромаштијата тука – деца кои просеа по улиците, жени кои плачеа за помош со своите бебиња во рацете. Волонтирав во сиропиталиште каде очајот и безнадежноста беа толку големи што срцето ви се смрзнува“, изјави Кортни.
Нејзините родители ја поддржале во мисијата да им помогне на дечињата во Индија и дури ѝ обезбедиле и дел од финансиските средства.
Додека живеела во Индија таа го запознала нејзиниот сопруг Јогеш, па се венчале во 2014, а во 2015 година го добиле синот Ади.
Кортни, која сега е мајка на 12 деца, помогнала на повеќе од 2.000 семејства во текот на пандемијата со доставување на храна до домовите. За време на пандемијата кај себе земала две деца, чија мајка била убиена од страна на нивниот татко.
Кортни вели дека ако не се вратела во Индија, по тоа што го видела, за да им помогне барем на дел од дечињата - никогаш немала да има мирен ум.
С. С. | Црнобело