Заборавени правила на однесување што секој родител треба да му ги каже на детето
Не е доволно да го научите детето само да кажува „Те молам“ и „Благодарам“. Постојат многу други манири и правила на однесување кои децата мораат да ги научат од родителите.
Доброто воспитување на детето е една од најважните улоги на родителот, бидејќи детето ќе се однесува така како што ќе научи дома. Учтивоста и манирите се нешта кои се всадуваат уште од најрана возраст, па морате да најдете време да зборувате за нив со вашето дете.
Во продолжение погледнете кои се манирите кои обично ги забораваме, но добро би било да му ги кажете на вашето дете:
1. Научете го детето секогаш да кажува „Те молам“ кога ќе побара нешто, и „Благодарам“ откако некој ќе му направи услуга.
2. Научете го да кажува „Се извинувам“ секогаш кога минува низ толпа народ, кога ќе се удри во некој или кога сака да привлече нечие внимание.
3. Научете го да не ги прекинува другите додека зборуваат. Без разлика дали станува збор за негов соговорник или разговор што го водат други личности, објаснете му дека не треба да ги прекинува, освен ако не станува збор за нешто навистина итно.
4. Кажете му дека е неучтиво да дава забелешки и коментари за туѓиот изглед и физички карактеристики, освен ако не станува збор за комплимент.
5. Научете го секогаш да бара дозвола. Важно е да знае дека кога сака да направи нешто, но не е сигурно дали тоа е добро, нека побара дозвола.
6. Објаснете му ја важноста на благодарноста. Научете го дека секојпат кога некој ќе му подари нешто или ќе направи нешто добро за него, треба да му се заблагодари.
7. Одржете му лекција за хигиена – покрај личната хигиена, научете го и дека секогаш кога се проѕева или кива треба да ја покрие устата, дека не треба да го чепка носот на јавни места и слично.
8. Кажете му колку е важна туѓата приватност и објаснете му дека мора да ја почитува. Кажете му дека секогаш треба да тропне на врата пред да влезе некаде и дека не треба да ги допира туѓите работи без дозвола.
9. Покажете му како да го средува неговиот неред и кажете му дека само тоа е одговорно за нередот што ќе го направи.
10. Нагласете му секогаш да обрнува внимание на името на соговорникот кој само што го запознал, но и да му се обраќа со името додека му зборува.
11. Научете го за екологија и кажете му дека не треба да ја загадува околината.
12. Кажете му дека секогаш треба да биде тимски играч и да не се фокусира само на победата.
13. Кажете му дека секојпат кога влегува во нечиј дом, треба да ги соблече чевлите.
Спирова С. | Црнобело