Учење нови зборови кај децата
Говорот како најсовршено средство за комуникација на човекот е нешто кое се учи од самото раѓање на бебето, а логопедот Симона Василеска Николовска открива кои се начините со кои може да го стимулирате и да го олесните усвојувањето на новите зборови во вокабуларот на детето.
Разговарајте со детето, наједноставниот начин за стимулација на развојот на говорните вештини кај детето е разговорот со него.
Објаснувајте ги сите активности кои ги правите во текот на денот.
Кога миете раце со детето користете го говорот во кој ќе ја опишете активноста која ја извршувате.
На пример:
„Миеме раце, со што миеме раце? – со сапун и вода, како тече водата? – Шшшш, да водата прави Шшш”.
Кога шетате со детето во парк следете го опкружувањето и објаснувајте ги активностите од околината.
На пример:
„Еве го мачето, мачето трча, како прави мачето? – Мјау, Браво, мачето прави мјау”.
„Еве го големиот камион, како прави камионот? – Бууу, да тоа е гоооолем камион (драматизирајте).
Кога сте дома, читајте приказни, разгледувајте сликовници, опишувајте ги сликите пред детето, создавајте приказна преку сликите, користејќи кратки и јасни фразални реченици, користејќи го често таргетниот збор.
Децата не секогаш сакаат само да се пасивни слушачи, тие сакаат кога учествуваат во креирањето на приказната, поставувајте прашања и подпрашања кои ќе го доведат до создавање приказна од слика.
Слушајте и пејте песнички, забавувајте се танцувајте и уживајте во слушањето на римите од песната и учете ги новите зборови преку песна.
Играјте игра на преправање, каде ќе бидете преправени во некој лик, на пример омилениот лик од цртаните на детето, па ќе го таргетирате зборот или фразата кој тој лик ја користи и ќе ја учите низ игра.
Честопати спомнувам игра, затоа што играта е се за едно дете. Децата најдобро учат преку ира и тоа е начинот на кој наједноставно може да стекнат нова вештина.
Дозволете им на децата да си играат колку сакаат, но потрудете се и вие да бидете дел од таа игра во која ќе го стимулирате говорот кај Вашето дете.
Редење сложувалки, редење коцки и градење кули, играта со кукли и барбики, секогаш може да се искористат во насока на тоа детето да учи нови зборови и да го збогатува својот речник.
Секогаш кога имате прилика обидете се детето да биде насочено кон објектот чие име сакате детето да го научи.
Новиот збор треба многупати да го повторувате, во различни ситуации и концепти, како би можело детето да ја совлада суштината на зборот.
Еден важен детаљ во учењето на новите зборови е визуелната перцепција. Секогаш кога сакате детето да научи нов збор, потрудете се тој збор да го кажувате полека, во слогови со јасен приказ на Вашите усни движења. Децата преку дополнителната визуелна поддршка, полесно ги учат новите зборови.
Бидете пред детето еден добар говорен модел со чија помош детето ке ги развива своите говорни вештини.
Логопедот Симона Василеска Николовска може да ја следите на Инстаграм.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.