Како да одгледате син кој ќе порасне во добар маж кој ќе ги почитува жените?
Сите знаеме дека домашното воспитување е од огромна важност и може да има големо влијание врз карактерот на детето. Затоа, ако сакате вашите деца да пораснат во добри личности, мора да се потрудите околу тоа.
Воглавно, детето ќе ги следи вашите вредности и верувања, ќе го слуша она што го зборувате и ќе го прави она што го правите вие, па од вас зависи во каква личност ќе се претвори.
Во продолжение погледнете како да му помогнете на вашиот син да порасне во добар маж кој ќе ги почитува жените:
Од 1 до 5 години
Бидете од помош. Покажете му на детето како да препознае кога некој се чувствува лошо или му треба помош. Истовремено, кажете му каде може да се обрати ако него му е потребна помош.
Поставете пример. Почитувајте ги луѓето околу вас, и вашето дете ќе го прави тоа. Нагласете му дека мора да ги почитува и машките и женските, наместо да го омаловажувате едниот пол и да правите полови разлики во секојдневните разговори.
Бидете љубезни. Научете го детето да биде љубезно и кога разговарате со него користете зборови како „те молам“ и „благодарам“. На овој начин ќе ги научи многу побрзо.
Од 5 до 12 години
Разговарајте за проблемите. Секогаш кога ќе се појави конфликт или проблем, отворено разговарајте за тоа. Прашајте го детето како се чувствува и помогнете му да најде решение.
Контролирајте ги содржините што ги гледа. Денес, благодарение на интернетот, ни се достапни секакви информации, па бидете внимателни што гледа вашето дете. До 12-тата година детето може да се соочи и со порнографија, па внимавајте овие содржини да не му создадат погрешна слика за тоа како се третираат жените.
Од 12 до 18 години
На оваа возраст би требало да разговарате и за секс со вашето дете. Објаснете му дека секогаш треба да ги почитува жените, да не презема ништо без нивна дозвола и ако му се допаѓа некоја девојка, да го покаже тоа на добар начин.
Научете го дека мажите и жените се рамноправни и дека кога во иднина ќе биде во врска, треба да ја гледа партнерката како еднаква на него.
За крај, уште поважно од вашите совети е вашето однесување. Не заборавајте дека она што го правите вие, најверојатно ќе го прави и вашето дете.
Спирова С. | Црнобело